БУДАЛА ЛИ Е ОРЦЕ КАМЧЕВ ДА ДАВА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА, КОГА И САМ ВО РАЗГОВОРИТЕ ВЕЛИ ДЕКА ОД ПРИТВОР ГО ПУШТИЛ ВРХОВНИОТ СУД, А НЕ КАТИЦА, ЈА НАПАЃА АДВОКАТОТ ПРЕСУДАТА ОД 9 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА БОКИ 13

    БУДАЛА ЛИ Е ОРЦЕ КАМЧЕВ ДА ДАВА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА, КОГА И САМ ВО РАЗГОВОРИТЕ ВЕЛИ ДЕКА ОД ПРИТВОР ГО ПУШТИЛ ВРХОВНИОТ СУД, А НЕ КАТИЦА, ЈА НАПАЃА АДВОКАТОТ ПРЕСУДАТА ОД 9 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА БОКИ 13Тоа што молеа цело време да биде вештачен одземениот телефон на Јовановски и не успеаја, сега пред Апелациониот суд е главното нивно оружје. Јовановски и одбраната сметаат дека тоа не само што е неправедно, туку е и многу чудно. (Фото: СДК.МК)

    Во жалбена постапка против 9-годишната затворска казна на Бојан Јовановски – Боки 13 во случајот „Рекет”, неговиот адвокат ги нападна како пресудата за перење пари, така и обвинението.

    Адвокатот Сашо Дуковски побара укинување на пресудата и враќање на повторно одлучување, додека на спротивната страна вишиот обвинител Диљавер Бектеши бара уште повисока казна, како за Јовановски, така и за Катица Јанева која со истата пресуда доби првостепена казна од 7 години затвор.

    „Дали може една ваква пресуда да се заснова само на изјава на двајца сведоци? Само на Орце и на сопругата Ана Камчева? Како може кога не се докажа незаконско стекнување пари, земање наводен милион ипол евра, да се докажува перење пари? Какво е тоа влијание врз Катица Јанева, од притвор да го стави во куќен притвор? Па притвор е притвор. Би требало скроз за пари да го пушти од притвор, нели? И како може некому за ваква работа да е земено 1,5 милиони евра, а тој што го дал да нема статус на оштетен?
    Човек со трето одделение да ја види снимката од камерите на Камчев што ја дал на ‘Ла Верита’, ќе види дека се гледа само куп пари и раце како прават спецификација? Ако е тоа спецификација… тоа ли е спецификација? Почитуван суде, замислете за вакво нешто да нема вештачење! Нема. Ако биле еврата 70 отсто во банкноти по 50 евра, каква е онаа торба полесна од лист хартија што се мавташе на личните снимки на Камчев, кога се знае дека милион евра со банкноти од по 50 евра тежат над 20 килограми?”, прашуваше адвокатот на Боки 13.

    Тоа што молеа цело време да биде вештачен одземениот телефон на Јовановски и не успеаја, сега пред Апелациониот суд е главното нивно оружје. Јовановски и одбраната сметаат дека тоа не само што е неправедно, туку е и многу чудно.

    „Три пати предлагавме да се вештачи мобилниот телефон на Јовановски. Три пати одбија! Тоа е брутален пример за примена на нееднаквост на оружјата на двете страни во една постапка под палка на судот”, им кажуваше адвокатот на петтемина апелациони судии на чело со Јани Нича.

    Според одбраната, нелогично е како воопшто поверувале обвинителството за организиран криминал и корупција и Основниот кривичен суд Скопје, дека Камчев дал толку пари за враќање на пасошот и сместување во куќен притвор.

    „Будала е Орце Камчев да дава толку пари, кога и сам во еден од пуштените разговори вели: ‘Па нас не нè пушти Катица од притвор, Врховниот суд нè пушти”, кажа адвокатот и потсети дека со начелното правно мислење, многу пред снимките на Камчев со торбата, осомничените во „Империја“ беа пуштени од притвор. Начелното мислење Врховен го донесе на 31 јануари 2019, а земањето пари според Камчев, т.е. снимките со торбата од неговата куќа се од 13.02.2019 година.

    Одбраната натаму потенцираше дека обвинителството не го испитал начинот како биле вадени еврата од страна на Камчев, туку просто ги слушало верзиите, еднаш како тој вадел, па мајка му, па сестра му… А сето тоа првостепениот суд го прифатил.

    „Толку искусен, способен и успешен бизнисмен, при своја банка, ќе оди да ги претвара милионските суми денари што наводно ги вадел за да плати наводен рекет за својата слобода од ‘Империја’ , во некоја менувачница ‘Бела’? И да и плаќа огромна провизија?? Место да извади евра од својата банка?”, ја напаѓаше пресудата адвокатот.

    Следува настапот на адвокатите на Јанева. Јовановски денеска дојде, но таа од здравствени причини, остана дома.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира