БУГАРИЈА НЕ ГИ СПРЕЧИ РАДИКАЛИТЕ ДА ДОЈДАТ НА ДЕВЕ БАИР И ИМ ОВОЗМОЖИ ДА БИДАТ АГРЕСИВНИ КОН МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА, ВЕЛИ МНР

    БУГАРИЈА НЕ ГИ СПРЕЧИ РАДИКАЛИТЕ ДА ДОЈДАТ НА ДЕВЕ БАИР И ИМ ОВОЗМОЖИ ДА БИДАТ АГРЕСИВНИ КОН МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА, ВЕЛИ МНРБугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев вчера положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава, вели Министерството за надворешни работи (МНР) во денешната реакција. МНР најави дека ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.

    Јорданов, кој е поранешен бугарски амбасадор во Макеоднија, денеска на Фејсбук напиша дека за Македонија нема место во Европската Унија(ЕУ), а за Македонците вели дека се „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, откако вчера беа казнети тројца бугарски државјани кои на Деве Баир се обиделе на нападнат полицајци.

    МНР вели дека по повод одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев, и покрај искажаната волја, „Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки“.

    „Чествувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија помина во најдобар ред и без нарушување на јавниот ред и мир, со овозможен пристап на бројни официјални и граѓански делегации од Македонија, вклучително и на официјалната делегација на Република Бугарија и на бугарски граѓани, да му оддадат почит на великанот. Укажуваме дека во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и законите, како и на меѓународното право, надлежните институции на Северна Македонија се должни и ги превземаа сите неопходни мерки да се спречат провокации, тензии и инциденти кои можат да ја загрозат националната безбедност, јавниот ред, здравјето на луѓето и меѓународните односи на државата“, велат од МНР.

    Министерството ги демантира наводите дека со Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев.

    „Потсетуваме дека една од задачите на Заедничката експертска комисија за историско – образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е да изготви препораки за заедничко чествување на историски личности. До овој момент, Заедничката комисија нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев. Истовремено, на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје“, велат од МНР.

    Од МНР ги повикаа властите на Бугарија принципиелно да се заложат и да ги превземат сите неопходни дејствија за деескалација на тензиите преку јавна осуда и преземање меки против сите дејствија кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира