БУГАРИЈА НЕГИРА ДЕКА ОБЈАВИЛА ИНФОРМАЦИИ ЗА ПАТУВАЊЕТО НА СОПРУГАТА И СИН МУ НА МИЦКОСКИ ВО СКИЈАЛИШТЕТО ПАМПОРОВО

    БУГАРИЈА НЕГИРА ДЕКА ОБЈАВИЛА ИНФОРМАЦИИ ЗА ПАТУВАЊЕТО НА СОПРУГАТА И СИН МУ НА МИЦКОСКИ ВО СКИЈАЛИШТЕТО ПАМПОРОВОБугарското Министерство за надворешни работи не откри дипломатска нота или друга формална кореспонденција поврзана со посетата на членови на семејството на официјален претставник на друга држава, се вели во изјавата. (Фото: СДК.МК)

    Бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) негира дека споделило дипломатска нота поврзана со патувањето на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски во скијалиштето Пампорово во јануари годинава, откако на 16 јуни таа беше објавена во фејсбук група.

    „Бугарското Министерство за надворешни работи не откри дипломатска нота или друга формална кореспонденција поврзана со посетата на членови на семејството на официјален претставник на друга држава“, се вели во изјавата од Министерството за бугарските медиуми.

    Изјавата делди откако вчера министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека очекува Бугарија да се извини за објавувањето на дипломaтска нота со информации за семејството на Мицкоски.

    Бугарското МНР објасни дека информациите што циркулираат се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026, поврзана со настани од минатото. Според нив, оваа документација не може да се смета како основа за заклучок дека постои непосредна безбедносна закана за граѓаните на Бугарија или на друга држава. Министерството исто така нагласува дека строго се придржува до меѓународните правила за заштита на дипломатската кореспонденција.

    Завчера, Македонија го повика бугарскиот амбасадор на разговор по објавувањето на документот со детали за приватното патување на семејството на Мицкоски. За случајот биле информирани и претставници на НАТО, како и стратешките партнери на земјата.

    Муцунски на прес-конференција изрази сериозна загриженост и потенцираше дека до амбасадорот е пренесен висок степен на незадоволство поради нарушувањето на дипломатските односи. Според него, вакви постапки се неприфатливи според меѓународното право, особено кога станува збор за движења на членови на семејства на државни функционери. Муцунски подвлече дека безбедноста мора да биде врвен приоритет, додавајќи дека во земјата никогаш не се случило доверливи документи од ваков тип да завршат во јавност.

    Премиерот Христијан Мицкоски претходно рече дека ваквите потези на Бугарија не влеваат доверба во напредокот на разговорите за евроинтеграциите. Тој кажа дека станува збор за преседан, оти е недозволиво објавувањето информации од дипломатска нота за неговото семејство кое било на приватно патување во зимувалиштето Пампорово.

    „Сигналите кои доаѓаат оттаму, не ме прават оптимист. Напротив сметам дека состојбата се радикализира. Еве, вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста. Така што, вчера видов еден преседан“, изјави Мицкоски на 23 јуни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира