БУГАРИЈА СО БЛОКАДАТА НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЌЕ НАПРАВИ ПРОБЛЕМ ВО НАТО, АНАЛИЗИРА ГРЧКИ „КАТИМЕРИНИ“

    БУГАРИЈА СО БЛОКАДАТА НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЌЕ НАПРАВИ ПРОБЛЕМ ВО НАТО, АНАЛИЗИРА ГРЧКИ „КАТИМЕРИНИ“Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на Самитот на Берлинскиот процес во Софија на 10 ноември. (Фото: Влада на РСМ)

    Инсистирањето на Бугарија да ги блокира пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија може да предизвика уште еден проблем на југоисточното крило на НАТО, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Во анализата на „Катимерини“ се вели дека две од земјите членки на НАТО, Грција и Турција, веќе се длабоко поделени и сега уште две земји членки се на пат да се судрат, поради контроверза стара два века.

    „И Бугарија и Северна Македонија се клучни регионални членови на Алијансата. Бугарија поради нејзината улога на надгледувач на Црното Море и јужна Русија, а Северна Македонија како бафер зона против понатамошно ширење на руската експанзија во срцето на Балканот. И двете земји доста силно го чувствуваат влијанието на американско-рускиот конфликт“, се вели во анализата.

    НАТО, сепак, според „Катимерини“ изгледа смирено во врска со спорот меѓу Скопје и Софија и гледа на спорот како нешто што треба да се реши меѓу земјите членки на ЕУ. Но, во анализата се вели дека забелешките на Бугарија во врска со интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ немаат врска со агендата на проширување, како потребата за поголема демократија и намалување на корупцијата, туку се базира на историски тврдења кои што го разгоруваат национализмот во двете земји и во одреден момент наскоро може да има влијание и на НАТО, доколку не се надминат разликите.

    „Антибугарското расположение расте во Северна Македонија, со благослов од политичкото раководство и медиумите, а односот на Скопје кон Софија станува сè поагресивен. Индикативно, Скопје го одби барањето на Софија за чувањето на небото над Северна Македонија и го повлече интересот за Нуклеарната централа Белене и место тоа се реши да го поддржи проектот за природен гас во северното грчко пристаниште Александропулос“, се вели во анализата.

    Бугарија во меѓувреме, потсетува „Катимерини“, се подготвува за избори напролет и политичарите се додворуваат на националистичките елементи, обвинувајќи го својот балкански побратим дека заталкал од вистинскиот пат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира