БУГАРСКИТЕ ИСТОРИЧАРИ ЈА СПОРАТ УПОТРЕБАТА НА ПРИДАВКАТА „МАКЕДОНСКИ“, НЕУСПЕШНА СРЕДБАТА НА МЕШОВИТАТА ИСТОРИСКА КОМИСИЈА

    БУГАРСКИТЕ ИСТОРИЧАРИ ЈА СПОРАТ УПОТРЕБАТА НА ПРИДАВКАТА „МАКЕДОНСКИ“, НЕУСПЕШНА СРЕДБАТА НА МЕШОВИТАТА ИСТОРИСКА КОМИСИЈААнгел Димитров, кој ги предводи бугарските историчари во оваа мешовита комисија, на прес-конференцијата по средбата негираше дека слушнал какви било навреди од Каракачанов, Захариева и од Борисов кон Македонија, како искажаните дека Македонците се вештачки народ, со вештачки јазик и вештачка нација. (Фото: Принтскрин од видео)

    Прашањата кои треба да ги решат членовите на Македонско-бугарската комисија за историски прашања се само една точка од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и многу важни задачи од тој договор не се воопшто ни почнати од страна на Скопје, тврди Ангел Димитров, кој ги предводи бугарските историчари во оваа мешовита комисија. Сепак, за она што ѝ е работа на Комисијата, таа и по дводневни дискусии освен декларативна добра волја за разбистрување на историските спротивставени тврдења, не постигнала никакви резултати.

    Според она што кажаа на прес-конференцијата Димитров и претставникот на макдонските историчари во Комисијата Драги Ѓорѓиев, работата запрела кај употребата на придавката „македонски“ во записниците и кај потеклото на Цар Самоил. Ѓорѓиев и Димитров рекоа дека не само што нема резултат, туку се отвориле прашања што треба да се решаваат на друго, повисоко и политичко ниво.

    Записникот не бил потпишан. Димитров обвини дека позицијата на македонските историчари е дел од една политика која почнала од минатата година. За себе и за колегите од Бугарија кажа дека се аполитични и врз нив никој немал влијание.

    „Овој резултат нула покажува уште нешто. Ние сме многу далеку од завршување на работата околу учебниците кои го третираат средниот век. Денес точката поврзана со Цар Самоил заврши целосно без резултат, особено што се отстапи од веќе подготвен заеднички текст од страна на две влади. Се движиме како желка. Ако работиме следната година треба да знаеме што се очекува од нас со потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.

    За разлика од него, Ѓорѓиев кажа дека постигната е согласност за бугарските учебници по историја за петто и шесто одделение, за македонскиот од шесто и дека се разговара за тој за седмо.

    „Средбата помина навистина во една академска атмосфера и со плодна дискусија која, за жал, не донесе никакви резултати. Постои различно толкување на Преспанскиот договор и според бугарските колеги, употребата на придавката е лимитирана целосно, без оглед како е запишана и се толкува од наша страна. Тоа како прашање беше внесено во Комисијата на шестата средба и бугарските колеги почнаа да го практикуваат тој начин на правење записници без тоа да биде споделено и направено со нас“, кажа потоа Ѓорѓиев.

    Зборуваше и за обидот за флексибилно толкување на историските факти.

    „Зборуваме речиси на различни јазици поради инсистирањето од бугарската делегација да се наметне само едно гледање на настаните место да се согласиме за повеќеслојно гледање, за учениците сами да изведат заклучоци. Се судривме околу прашањето на Цар Самоил и не стигнавме воопшто да постигнеме решение околу Гоце Делчев“, рече Ѓорѓиев.

    Според него, на најновата средба се отворило што треба да се разгледува на повисоко ниво, а тоа е употребата на придавката „македонски“. Во однос со пристапот кон Цар Самоил, тој спомена дека од македонска страна излегле со неколку предлози со кои ќе им се овозможи мултиперспективност на учениците, меѓу кои и гледањето на Самоиловото како бугарско царство, но за жал од другата страна се инсистирало само на нивното бугарско унисоно гледање на таа држава и личност.

    Димитров во одговор на новинарско прашање негираше дека слушнал какви било навреди од Каракачанов, Захариева и од Борисов кон Македонија, како искажаните дека Македонците се вештачки народ, со вештачки јазик и вештачка нација. Но за Македонија кажа дека станува збор за политичка директива, на Коминтерната, која не се заснова на наука. Побара да си го провериме минатото, зашто со таков багаж не се влегувало во ЕУ.

    Следната недела Комисијата пак ќе се состане онлајн, Димитров рече ќе ја смета работата успешна, ако се сработи периодот од средниот век наваму.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира