Здружението на новинарите на Македонија го осуди притисокот од вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи кон медиумите, по неговата вчерашна изјава дека ако не се извинат ќе ги тужи сите политичари, политички партии и медиумите кои ја инволвирале ДУИ во скандалот со парите од 12.000 осигуреници кои место да се префрлаат во вториот столб кон приватните пензиски друштва останувале во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
ЗНМ вели дека јавните функционери, особено министрите, треба да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како закани или како етикетирање на медиумите.
„Принципиелно, таков начин на комуникација не може да влијае на професионализацијата на медиумите. Вицепремиерот Бујар Османи говорејќи за скандалот во ПИОМ се закани со тужби до сите медиуми, кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор, за кој декларативно се залагаат. Евентуалните недоразбирања треба да се решаваат по пат на транспарентност и отвореност, а не со закани за тужење“, велат од ЗНМ.