ЧАВКОВ НЕ ГИ ДЕМАНТИРА ТВРДЕЊАТА НА ОБВИНЕТИОТ НИНЏА ДЕКА БИЛ ДЕЛ ОД ПАРАВОЕНИОТ ШТАБ НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО КОМАНДУВАЛ СО НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ

    ЧАВКОВ НЕ ГИ ДЕМАНТИРА ТВРДЕЊАТА НА ОБВИНЕТИОТ НИНЏА ДЕКА БИЛ ДЕЛ ОД ПАРАВОЕНИОТ ШТАБ НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО КОМАНДУВАЛ СО НАПАДОТ НА 27 АПРИЛНишто од кажаното на денешното сведочење на Нинџа Чавков не демантираше. Премолчеа буквално сè тој и неговиот адвокат. - Митко Чавков пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: К. Попов)

    Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност кој е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста со тоа што не издал никаква наредба за дејствување на полицијата при организираниот напад на Собранието на 27 април лани, немаше никакво спротивставување, никаков приговор на сведочењето на кообвинетиот Александар Василевски-Нинџа дека бил дел на паравоен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во партиското седиште што тој го видел со свои очи таа вечер. Ништо од кажаното Чавков на денешното сведочење на Нинџа не демантираше. Премолчеа буквално сè тој и неговиот адвокат.

    Обвинителството за организиран криминал и корупција и МВР засега немаат уапсено никого од луѓето од паравоениот штаб за кој зборуваше Нинџа во својата одбрана на судењето за организираниот напад во Собранието. Тој на 27 април лани рече дека таму ги видел: Билјана Бришковска-Бошковски, обвинета во „Титаник“ на СЈО како одговорна за гласачите од Пустец, Митко Чавков, Спире Ристовски и Борис Јосифовски. Ги видел и Миле Јанакиески, обвинет во пет случаи на СЈО и неколку големи истраги, Кирил Божиновски од „Титаник“ на СЈО и Владимир Атанасовски, ексдиректорот на УБК, но тие се веќе во Шутка.

    Според неофицијалните сознанија на САКАМДАКАЖАМ.МК, тврдењата на обвинетиот Нинџа за паравоениот штаб веќе ги проверуваат обвинителството и истражители од МВР, во рамки на предистражната постапка за нарачателите и главните организатори на нападот на Собранието во кој за малку ќе загинеше еден, а беа тешко повредени повеќе пратеници и членови на собраниското обезбедување, како и полицајци од МВР кои таму беа пратени про форма, во исклучително мал број.

    Обвинителството за организиран криминал и судот речиси и да немаа прашања за Владимир Атанасовски за кого е поведена посебна истрага по притворањето пред три дена, а особено не за Благоја Василевски, братот на Нинџа кој беше со Никола Груевски во Виена за време на нападот. Тој на единственото дозволено прашање од судот, бидејќи обвинителката Ивана Трајчева жестоко приговараше на сè што го праша неговиот брат Александар, потврди само дека бил на службен пат во Виена за време на нападот и оти се слушнал со брат му за здравјето на мајка им.

    Спoред обвинението, пред нападот Александар Василевски-Нинџа имал повик од Виена, по што почнал во ресторанот „Дион“ да ги собира и организира т. н. Ќосиња, обвинети и притворени членови на патриотските здруженија. Тој им ги набавил и фантомките.

    По повикот, Благоја Василевски-Нинџа ги избришал пораките од брат му и регистерот на повици. Го ресетирал и уништил мобилниот и на СОЗР и го вратил онеспособен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари