Обвинителите и нивните истражители ја интензивираат истрагата за организираните насилства во Собранието на 27 април годинава, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Одделот за организиран криминал.
„Овие денови не можеме ништо да споделиме со јавноста за истрагата, за да не ја компромитираме. Во овој момент можеме да ви одговориме само дека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во МВР Митко Чавков, за кого прашувате, не е повикан и не дал изјава во обвинителството“, ни одговорија од Обвинителството за организиран криминал.
Српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, кој на 27 април бил во Сообранието завчера во интервју за белградска приватна телевизија тврдеше дела сите служби што се присутни во Македонија ги знаат по имиња сите оние десетмина луѓе под маски кои упаднаа во Собранието. Тој рече и дека според некои информации, Игор Југ, човекот со шаховница на маицата на фотографиите, бил човекот што требало да го убие Зоран Заев.
Тогашен директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и шеф на Оперативниот штаб формиран за протестите кои му претходеа на изборот на претседател на Собранието од страна на новото парламентарно мнозинство, беше Митко Чавков. Веднаш по крвавите настани тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу го обвини Чавков дека не му бил достапен два часа по упадот на насилниците во Собранието и дека ја носи одговорноста за повредените пратеници и граѓани.
Нухиу уште тогаш издаде наредба за внатрешна истрага во МВР, а изјавите на раководните лица под команда на Чавков, му ги достави на обвинителството.
За време на нападот на Собранието, според тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Чавков се слушал повеќе пати со него. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тој ден беше во Виена, а другиот ден во ТВ интервју изјави дека ако сакал некој да го убие Заев, ќе го убиел.
Српскиот разузнавач и натаму тврди дека советникот на Иванов е вмешан во насилствата на 27 април и дека со форсирањето на неговиот случај е прикриено и учеството на припадници на агенцијата за разузнавање во Собранието.
„Како Синиша Алексовски е овластен да има преку 20 состаноци за време на мојот престој во Скопје, како бил надлежен да носи службени документи во размена со БИА (Безбедносната информативна агенција на Србија, н.з.), како бил овластен да прима од мене официјални документи на БИА? Како бил надлежен да биде пет или шест пати шеф на делегацијата на македонската служба за време на експертските разговори, а единствено не е надлежен да му пријавам набљудување на безбедносно интересна случка“, праша Живаљевиќ во настапот на српската телевизија.
Обвинителката Вилма Русковска пред десетина дена за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека ќе се испитува вмешаноста и на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, советникот за безбедност во неговиот кабинет Синиша Алексовски и на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во крвавите настани во Собранието на 27 април. Ова уследи по јавната преписка и меѓусебните обвинувања на Живаљевиќ со Кабинетот на Иванов, околу неговото присуство во толпата. Русковска рече дека тоа секако е дипломатски скандал, декај Живаљевиќ секако сторил кривично дело „учество во толпа“, освен ако не се докаже учество и во организирање.
Кабинетот на претседателот по ова објави дека Иванов едвај чека обвинителството да ја истера истрагата до крај.
Само еден ден по нападот на Собранието на 27 април, премиерот Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков се организатори на обидот за негово убиство.
„Насилството врз новинарите и легитимно избраните претставници на народот во Собранието беше организирано од Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Митко Чавков и нивни соработници, кои не сакаат мирен трансфер на власта. Ова вчера беше обид за убиство со умисла и по план“, изјави Заев на прес-конференцијата на 28 април.
С. К. ДЕЛЕВСКА