ЧЕТИРИ ГОДИНИ НЕ СЕ ИЗГОТВИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ СО КОЈ РОДИТЕЛСКОТО ОТСУСТВО ЌЕ ТРАЕ 13 МЕСЕЦИ

    ЧЕТИРИ ГОДИНИ НЕ СЕ ИЗГОТВИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ СО КОЈ РОДИТЕЛСКОТО ОТСУСТВО ЌЕ ТРАЕ 13 МЕСЕЦИСо Предлог-законот наместо досегашното породилно отсуство се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство. (Фото: К. Попов)

    Четврта година по ред нема абер од донесување на нов Закон за работни односи, со кој се предвидува родителско отсуство од вкупно 13 месеци, од кои 9 за мајката и 4 за таткото. Законот требаше да стапи на сила уште во 2022, но досега освен објави за јавни расправи, ништо друго не е објавено.

    Станува збор за нов Предлог-закон за работни односи, за кој лани во јануари министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска кажа дека е во нацрт-верзија.

    Во јули 2021 кога министерка беше Јагода Шахпаска, од Министерството за труд и социјална политика ни рекоа дека „за предложениот Закон ќе има јавна расправа, по што истиот треба да се усвои од страна на Владата, кое усвојување е планирано до крајот на годината, а потоа истиот да се усвои од Собранието. Значи, примената на Законот, согласно наведеното, треба да започне во 2022 година“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 16 јануари годинава испрати прашања до Министерството за труд и социјална политика до каде е постапката за донесување нов Закон за работни односи, дали се одржаа јавните расправи и кои се главните новини, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

    Во Македонија на 8 мај ќе се одржат парламентарни и вториот круг на претседателските избори, а распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е 28 февруари, што значи тогаш Собранието ќе се распушти.

    Како што лани објасни Тренчевска во објава на Фејсбук, со законот наместо досегашното породилно отсуство се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство.

    Татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно.

    „Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци“, вели министерката Тренчевска.

    Според објавите на фејсбук профилот на министерката Тренчевска, меѓу новините кои ги предвидува Предлог-законот, е дека кај годишниот одмор се трга горната граница, односно одредбата дека годишниот одмор може да биде најмногу 26 дена. Понатаму, иако годишниот одмор и понатаму може да се искористи најдоцна до 30 јуни следната година, се предвидува исклучок за работникот кој не можел да го искористи до 30 јуни идната календарска година, поради боледување или повреда, отсуство мајчинско или родителско отсуство или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи годишниот одмор до крајот на годината, а не само до 30 јуни.

    Дополнително, се отстрануваат претходно предвидените услови за право на надоместок на плата за неискористен годишен одмор при престанок на работниот однос, со што во целост се остварува уставно загарантираниот принцип на неотуѓивост на правото на годишен одмор.

    Се воведува ново платено отсуство од работа за давање нега на член на семејство, така што работникот давател на нега, има право на отсуство во траење од пет работни дена во текот на една календарска година, кои можат да се користат непрекинато и во целост или со прекини и во делови, со тоа што треба да достави доказ и да го извести работодавачот најмалку три дена пред неговото започнување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира