ЧЕТВРТИНА ОД СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР СЕ АНГАЖИРАНИ ВО СТРАНСКИ КОМПАНИИ, КОИ СОЗДАВААТ НАД ТРЕТИНА ОД БРУТО-ДОДАДЕНАТА ВРЕДНОСТ

    ЧЕТВРТИНА ОД СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР СЕ АНГАЖИРАНИ ВО СТРАНСКИ КОМПАНИИ, КОИ СОЗДАВААТ НАД ТРЕТИНА ОД БРУТО-ДОДАДЕНАТА ВРЕДНОСТСтранските филијали во најголем дел се контролирани од европски земји, односно 92,8 проценти. - ТИРЗ (Фото: СДК.МК)

    Во деловниот сектор во 2024 година дејствувале 3.280 странски филијали, односно домашни претпријатија под контрола на странски субјекти, што претставува 4,7 проценти од вкупниот број деловни субјекти, според податоците на Државниот завод за статистика. И покрај малиот удел во вкупниот број претпријатија, овие компании имаат значајна улога во стопанството, ангажирајќи 24,2 проценти од вкупниот број вработени и создавајќи 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност.

    Најголемо учество во создавањето на додадената вредност кај домашните претпријатија контролирани од странство има преработувачката индустрија со 35,3 проценти. По неа следува секторот за информации и комуникации со 16,7 проценти, додека трговијата на големо и мало заедно со поправката на моторни возила и мотоцикли учествува со 11,5 проценти.

    Странските филијали во најголем дел се контролирани од европски земји, односно 92,8 проценти. Земјите членки на Европската Унија контролираат 44,6 проценти од овие субјекти, во кои работат 62,8 проценти од вкупно ангажираните работници во странските филијали и преку кои се остварува 61,9 проценти од нивната додадена вредност. Гледано според поединечните земји, најголемо економско влијание преку учеството во додадената вредност имаат филијалите под контрола на Австрија со 17,4 проценти, по што следуваат Холандија со 11 проценти, Германија со 9,7 проценти и Обединетото Кралство со 9 проценти.

    Вкупниот остварен промет на странските филијали изнесува 802.801 милиони денари, додека додадената вредност по фактор на трошок достигнува 183.760 милиони денари, при што во сите дејности се ангажирани вкупно 105.151 вработен.

    Во преработувачката индустрија работат 381 претпријатие со 51.214 вработени, остварувајќи промет од 318.137 милиони денари и додадена вредност од 64.941 милиони денари. Трговијата на големо и мало брои 926 странски филијали со 12.664 работници, промет од 202.233 милиони денари и додадена вредност од 21.043 милиони денари. Секторот информации и комуникации опфаќа 417 претпријатија со 11.466 лица, промет од 53.117 милиони денари и 30.776 милиони денари додадена вредност. Во снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација се евидентирани 127 претпријатија со 2.384 вработени, промет од 116.277 милиони денари и додадена вредност од 11.485 милиони денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира