ДА Е ЖИВО И ЗДРАВО БЕБЕТО, ЈАНКУЛОСКА ДА ДОЈДЕ НА СУДЕЊЕ НА 16 АВГУСТ, КАЖА СУДИЈАТА НА „ТИТАНИК“

    ДА Е ЖИВО И ЗДРАВО БЕБЕТО, ЈАНКУЛОСКА ДА ДОЈДЕ НА СУДЕЊЕ НА 16 АВГУСТ, КАЖА СУДИЈАТА НА „ТИТАНИК“Обвинетата ексминистерка Гордана Јанкулоска на претходно рочиште за „Титаник“ во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Судењето за предметот на СЈО „Титаник“ во Основниот суд Скопје 1 денеска се одложи поради отсуството на обвинетата Гордана Јанкулоска, која се породи на 28 јуни. Судијата Осман Шабани ѝ посака на поранешната министерка за внатрешни работи да е живо и здраво бебето, но дека таа мора да се појави на наредното рочиште на 16 август, бидејќи тогаш истекуваат 45-те дена што ги има како право да биде повикувана на судски рочишта.

    Минатото рочиште за „Титаник“, исто така, беше одложено поради отсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска, тогаш поради ризична бременост. Нејзината адвокатка Сања Алексиќ денеска кажа дека Јанкулоска сè уште во болница по породувањето.

    Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

    Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира