Новинарката Оливера Трајковски му вели на бизнисменот Орце Камчев да му пренесе на Сашо Мијалков дека не ѝ се допаѓа апсењето на Љубе Бошкоски ден по изборите во 2011 година, во прислушуван разговор објавен денеска на судењето за предметот на СЈО „Тортура“, објави државната агенција МИА.
„Не ми се допаѓа ова, да му кажеш на пријателот твој, уште прв ден по избори“, вели Трајковска во разговорот, но во следен разговор таа го одобрува апсењето, бидејќи, како што вели, Бошковски извршил кривично дело.
Минатата година, на Трајковска, која е водителка на емисијата „Вин Вин“ на телевизијата „Телма“, неовластено ѝ беа објавени три прислушувани разговори на „Јутјуб“, меѓу кои и еден со Камчев.
На денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 беа преслушани 35 разговори, но веќе на следното рочиште на 20 септември, на барање на обвинителката од СЈО Лиле Стефановска, јавноста ќе биде исклучена поради можна повреда на приватноста.
Во денешните снимки, обвинетиот Сашо Мијалков се слуша како бара од сопственикот на телевизијата „Канал 5“ Емил Стојменов и од уредникот на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, веста за апсењето да се врти на телевизиите, а тие му ветуваат дека тоа ќе биде актуелно повеќе дена. Во разговор со брат му Влатко, Мијалков вели дека Бошкоски ќе добие минимум осум години и дека вечерта во „Шутка“ ќе му пушти некој „надарен“.
Во „Тортура“, за кривичното дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Љубе Бошкоски, покрај Мијалков, обвинети се уште поранешниот прв човек на единицата Алфи Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.