ДА НЕ СЕ ПАТУВА НАДВОР ОД ЗЕМЈАВА АКО НЕ Е ПОТРЕБНО, ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ, АПЕЛИРА МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ФИЛИПЧЕ

    ДА НЕ СЕ ПАТУВА НАДВОР ОД ЗЕМЈАВА АКО НЕ Е ПОТРЕБНО, ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ, АПЕЛИРА МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ФИЛИПЧЕФилипче кажа дека со оглед на новонастаната ситуација во северна Италија и ширењето на коронавирусот, зголемени се мерките за заштита и дека на сите гранични премини за влез во државава се скенираат и испрашуваат сите патници кои доѓаат од загрозените подрачја. (Фото: Влада на РСМ)

    Министерот за здравство Венко Филипче апелира до македонските државјани да не патуваат во регионот на северна Италија ако немаат потреба. Тој додаде дека за 17 часот е закажан состанок со Центарот за управување со кризи со повеќе министри и дека дополнително ќе информираат и ќе дадат препораки до Министерството за образование дали да се откажат екскурзиите надвор од државата.

    Филипче кажа дека со оглед на новонастаната ситуација во северна Италија и ширењето на коронавирусот, зголемени се мерките за заштита и дека на сите гранични премини за влез во државава се скенираат и испрашуваат сите патници кои доѓаат од загрозените подрачја.

    На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.

    „Граничната полиција и царината веќе ги имаат прашалниците и доколку има патник кој има симптоми, со специјален тим и специјално возило ќе биде спроведен на Инфективната клиника во Скопје. Ако се јави потреба Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација“, изјави Филипче.

    Министерот рече дека откако минатата недела дојдоа двајца Кинези од кинеската компанија „Синехидро“ која го гради автопатот Кичево-Охрид, денеска дошле уште тројца инженери. Тие ја поминале 14-дневната изолација, но секако и денеска ќе бидат тестирани, а резулатите се очекуваат во текот на денов. Кинезите кои дојдоа минатата недела се во изолација во Кичево.

    Филипче рече дека има доволно реагенси за тестирање од коронавирусот, и на новинарско прашање зошто нема заштитни маски во аптеките, кажа дека е препорачано до сите институции да набават заштитни маски.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира