ДА НЕ СЕ ПРАВИМЕ БЛЕСАВИ, СКИЈАЧКИТЕ ЦЕНТРИ СЕ ОПАСНОСТ ЗА МАСОВНО ШИРЕЊЕ НА КОВИД-19, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ АЛЕКСАНДАР СТОЈАНОВ

    ДА НЕ СЕ ПРАВИМЕ БЛЕСАВИ, СКИЈАЧКИТЕ ЦЕНТРИ СЕ ОПАСНОСТ ЗА МАСОВНО ШИРЕЊЕ НА КОВИД-19, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ АЛЕКСАНДАР СТОЈАНОВВеќе се вртат реклами по медиуми и билборди за скијање во српските и бугарските скијачки центри. - Редица пред ски лифт во Боровец, Бугарија (Фото: СДК.МК)

    Епидемиологот д-р Александар Стојанов предупредува дека отворањето на скијачките центри претставува голем ризик за ширење на коронавирусот, откако Владата пред една недела им дозволи да работат. Д-р Стојанов, епидемиолог со над 30-годишно искуство, доскорешен директор на Центарот за јавно здравје во Скопје и член на Комисијата за заразни болести, вели дека е многу просто – каде што има гужва, таму се големи шансите за пренос на зараза, а таков е случајот со скијачките центри. Исто така, тој не верува дека е можно да се почитуваат протоколите за безбедно работење.

    „Дај да не се правиме блесави. Ќе почитувале протоколи, на два метра ќе стоеле во редици за ски-лифт!? Како на свадби што играат со протоколи, со рацете раширени на два метра, така и на скијачките центри ќе се почитуваат протоколи“, вели д-р Стојанов.

    Владата на 1 декември им дозволи да работат на скијачките центри, преиначувајќи ја сопствената одлука од 4 ноември, кога ги затвори скијачките центри за посетители. Според Протоколот за безбедносни мерки за ски центрите, пред билетарниците, жичниците и ски лифтовите ќе мора да се одржува растојание од еден и пол до два метра, а угостителските објекти ќе смеат да работат само на отворено и со прибор за еднократна употреба.

    „Од скијачките центри во Италија и Австрија, од таму се рашири пандемијата низ Европа, затоа што на мал простор се собираат многу луѓе. Нека не ми раскажуваат приказни, демек ќе скијаш, па после ќе се прибереш во хотел и ќе седиш сам во соба. Без разлика што еве паѓаат бројките на заболени последнава недела, без разлика на тоа што сега имаме можности за повеќе тестирање, бројката на починати не паѓа, си стои, и тоа е доволно да не се оди во уште еден ваков ризик. Бројките на починати не значат дека треба да се отворат скијачките центри“, вели д-р Стојанов и додава:

    „Сто пати рековме од епидемиолошка гледна точка, каде што има гужва, таму има голема шанса за пренос на вирусот. Не можеме да се однесуваме нормално, кога ситуацијата не е нормална“.

    Пикот на заразата со ковид-19 во Европа се случи токму по враќањето на скијачите дома од скијачките центри во северна Италија и Австрија во февруари и почетокот на март годинава. Жариштето на коронавирусот било токму во дружбите во баровите на скијачките терени, во редиците пред билетарниците и во кабините на жичниците.

    Австрија ќе ги отвори скијачките центри на 24 декември, но само за еднодневно скијање, бидејќи хотелите остануваат затворени. Во Франција, Италија и Германија, скијачките центри остануваат затворени за божикните и новогодишните празници.

    Во Македонија веќе се рекламира скијање на Копаоник во Србија, а низ Скопје се забележуваат билборди за скијање во Бугарија со назнака дека таму скијањето е безбедно.

    „Да, да, многу е безбедно. Дајте да не мешаме баби и жаби. Ние сме доктори, не сме економисти. Не велам дека и тие луѓе што работат во скијачките центри не треба да преживеат, ама тоа не е наша работа. Наша работа е да предупредиме. Треба да се преживее комерцијално, но прво треба да се преживее болеста“, вели д-р Стојанов.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира