Премиерот Зоран Заев ги повика граѓанските организации да конкурираат и да спремат луѓе за регулаторните тела, посебно за Антикорупциската комисија која моментално не функционира, по оставките на претседателот и членовите во почетокот на март поради неправилности во работата и ненаменско трошење буџетски пари.
- ВО АНТИКОРУПЦИСКА СИ ЗЕМАЛЕ ПАРИ ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ СО ЛАЖНИ НАЛОЗИ, А НЕКОИ НЕ ОДЕЛЕ НИ НА РАБОТА
- АНТИКОРУПЦИОНЕР ИЗНАЈМИЛ СТАН ЗА 100 ЕВРА, А ЗЕМАЛ 350 ЕВРА
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ГИ ИСТРАЖУВА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ ВО АНТИКОРУПЦИСКА ШТО ГИ ОТКРИ САКАМДАКАЖАМ.МК
- ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АНТИКОРУПЦИСКА ТАНТУРОВСКИ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА
На прашањето како ќе се бори државата против корупцијата кога моментално нема Антикорупциска комисија, Заев рече дека се подготвува нов закон за спречување на корупцијата со кој политичар нема да може да биде член на Антикорупциската комисија, туку само непартиски лица, експерти и од граѓанските организации.
„Мотивирајте ги да се конкурира на регулаторните места. Тие места се за граѓанскиот активизам. И тука ќе има сериозна алатка како да се избориме против корпупцијата. Кај мене во СДСМ да не си прават бајрам на мозокот, таму нема место. Не може СДСМ да го контролира СДСМ. Дури сум се јавувал по некои граѓански организации. Следуваат конкурси. Внимавајте. Моделирајте луѓе за тие места, нека се кандидираат, бидејќи само тоа е исправно“, рече Заев на на тематскиот форум на програмата Цивика мобилитас – „Една година Влада – осврт на граѓанските организации кон досегашните постигнувања и идните очекувања“.
Премиерот рече дека според реформите на Рајхард Прибе, како и Пржинските договори, се расправало за регулаторните тела за ефикасна борба против корупцијата и криминалот.
„Кога ги кажувате бројките, јас се ежам. И не само јас. Јас барам помош за ова. Ѝ треба на Македонија помош за оваа работа. Некојпат мислам дека на сите кои добија шанса да споделат одговорност во управувањето на функциите, само пари им се вртат. Некојпат не знам дали е тоа така. Но едно знаеме. Ако бидеме транспарентни, храбри, храбар ни е народот да коментира, да има увид во сè, тоа сигурно ќе помогне во борбата против корупцијата“, рече Заев.
На форумот, покрај премиерот Заев, присуствуваше и министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, и граѓански организации, корисници на програмата Цивика мобилитас.
Оставките на претседателот и на членовите на Антикорупциска комисија на почетокот на март, дојдоа по серијата текстови кои на крајот на февруари ги објави САКАМДАКАЖАМ.МК за неправилности во работата односно ненаменско трошење на буџетски средства.Текстовите беа врз основа на внатрешната ревизија на регуларноста на плати и други надоместоци на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за 2016, која ја направила Управата за јавни приходи (УЈП).
Г. ТРПЕНОСКИ