ДА ПРЕСТАНЕ ПРАКСАТА ЖРТВАТА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО МЕСТО ЗА НУЖНА ОДБРАНА ДА БИДЕ ГОНЕТА ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, РЕАГИРА ПЛАТФОРМАТА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ

    ДА ПРЕСТАНЕ ПРАКСАТА ЖРТВАТА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО МЕСТО ЗА НУЖНА ОДБРАНА ДА БИДЕ ГОНЕТА ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, РЕАГИРА ПЛАТФОРМАТА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТПлатформата за родова еднаквост повикува на навремена и соодветна реакција од институциита за справување со семејно насилство. (Фото: Шатерсток)

    Да престане праксата на правосудството на погрешното третирање на семејното насилство, бара Платформата за родова еднаквост, за случајот со 36-годишната В. И. од Кратово, која минатата недела беше осомничена дека сторила кривично дело убиство. Истрагата за двојното убиство во Кратово покажала дека жената ги убила сопругот и неговиот татко откако била тепана и малтретирана во семејниот дом.

    „При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож, со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на самото место“, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово на 15 јуни, а по предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка ѝ определи 30-дневен притвор на осомничената.

    Од Платформата регираат дека на одлуката на ОЈО да започне постапка против 36-годишната В. И. од Кратово, која е жртва на семејно насилство.

    „Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело ‘убиство со умисла’, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение. Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство. Постапувањето на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и како акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично, како во овој случај и неа Обвинителството ја гонеше за ‘убиство на миг’. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда“, велат од Платформата.

    Платформата за родова еднаквост бара Судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти. Иако судската пракса не е задолжителна, бараат Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале Иловска.

    „Особено, треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В. И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани. Бараме ова да биде последен случај на погрешно третирање на семејното насилство и повикување на одговорност на жените кои се најмногу погодени од насилството, вклучително и од отсуството на навремена и соодветна реакција од институциите“, стои во нивната реакција.

    Платформата за родова еднаквост ќе се обрати до Центарот за социјална работи и до полицијата за да се утврди зошто и како настанал пропуст во овој случај и  велат дека дополнително ќе го следат постапувањето на надлежните институции.

    Од Платформата апелираат и до медиумите да известуваат согласно етичките стандарди и да внимаваат да не придонесуваат за двојна виктимизација.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира