ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ И ДЕЦАТА ДО 14 ГОДИНИ КОИ ЈА ПРОПУШТИЛЕ ВАКЦИНАТА ДИТЕПЕР, ПРЕПОРАЧУВА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ И ДЕЦАТА ДО 14 ГОДИНИ КОИ ЈА ПРОПУШТИЛЕ ВАКЦИНАТА ДИТЕПЕР, ПРЕПОРАЧУВА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕДеновиве во Скопје е зголемен бројот на деца кои се вакцинираат, па на пунктовите се чека по минимум еден час. (Фото: СДК.МК)

    Родителите на децата од второ до деветто одделение деновиве добиваат пораки дека ако детето ја има пропуштено вакцината ДиТеПер, да ги вакцинираат децата. Ова известување следи согласно препораката од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14-годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација, за да се спречат нови случаи на голема кашлица и понатамошно ширење на болеста.

    Според Центарот за јавно здравје, во Скопје се евидентирани 28 случаи на голема кашлица. Првиот пријавен случај е на 5 јануари.

    Комисијата за заразни болести на 7 февруари препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје. Комисијата предлага во градинките да се примаат само целосно вакцинирани деца до траење на епидемијата.

    Вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје работат во две смени, до 19:30 часот, а во сабота од 8 до 14 часот. Деновиве е зголемен бројот на деца кои се вакцинираат, па на пунктовите се чека по минимум еден час.

    Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.

    МИА објави дека заменичката-министерка за здравство Маја Манолева на прес-конференција на 12 февруари, на новинарско прашање, дали Министерството има поднесено барање до Обвинителството за луѓе кои антивакцерството го споделуваат на социјалните мрежи, со навреди до докторите.

    „Во моментот имаме луѓе кои не се доктори, а кои навистина имаат големо влијание според коментарите и нивните следбеници дека нема да ги вакцинираат своите деца. Падот на имунизација во изминативе години, би рекла две децении е можеби резултат на влијанието и на медиумите, но и на сѐ поголемиот број луѓе коишто го пропагираат антиваксерството кое што не е засновано на медицина базирана на докази. Имено, токму ваквиве ситуации како оваа со пертусисот, како минатата година со морбили, можеби повторно годинава со морбилите да имаме проблем, ако не продолжиме со зголемување на стапката за имунизација, би довеле навистина до сериозни последици по здравјето на нашите граѓани и сметам дека токму ова треба да биде поводот сите ние да видиме кон што одиме, слушајќи ги тие наводи коишто ни ги даваат антиваксерските групи“, рече Манолева.

    Од УНИЦЕФ велат дека се загрижени од растечкиот број случаи со голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружуваат кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.

    „Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите: обезбедете им на своите деца онаква заштита каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести што може да се спречат со вакцини што се докажано безбедни и високо ефикасни“, велат од УНИЦЕФ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира