ДА СЕ ЗАСИЛИ ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА, ПРЕПОРАЧА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ДА СЕ ЗАСИЛИ ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА, ПРЕПОРАЧА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ„Родителите да бидат одговорни и да го следат редовниот Календар за вакцинација“, вели д-р Мехмедовиќ. (Фото: Принтскрин од видео)

    Да се зголеми инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здавствен инспекторат (ДСЗИ) во градинките со цел да се види дали се почитува препораката на Комисијата за заразни болести, да не се примаат невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината, рече денеска портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ.

    Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.

    Д-р Мехмедовиќ кажа дека до денес се регистрирани 123 случаи на голема кашлица во цела Македонија, од кои 109 се во Скопје. Од 18 јануари до 29 февруари аплицирани се 22. 395 дози вакцини.

    „Спорадично се појавува по еден случај во Тетово, Дебар и во Струмица и сѐ уште не можеме да кажеме дека епидемијата се разгорува на национално ниво, што е добро. Вакциналните пунктови работат во две смени, вакцинацијата се одвива добро и на родителите и понатаму ќе им бидат достапни вакцините“, рече д-р Мехмедовиќ.

    Тој додаде дека и досега инспекторите вршеле надзор во градинките, но на денешниот состанок на Комисијата препорачале да се појача инспекцискиот надзор. Доколку инспекторите најдат невакцинирано или нецелосно вакцинирано дете, од следниот ден детето не смее да посетува градинка, сѐ додека не се вакцинира. Комисијата донела препорака да се води и дигитална евиденција во вакциналните пунктови, со цел поголема прегледност.

    Комисијата исто така препорачува да се овозможи тестирање за голема кашлица на ниво на цела држава и да биде спроведувана од локалните Центри за јавно здравје.

    Вакцините за голема кашлица за возрасни се очекува да стигнат на 15 март, и како што кажа д-р Мехмедовиќ, Комитетот за имунизација дополнително ќе извести како ќе тече тој процес. Тој повтори дека се апелира да се вакцинираат возрасните лица кои имаат во семејството дете до една година, здравствените работници и трудниците во третиот семестар.

    Директорот на Инфективна клиника, д-р Фадил Цана кажа дека од 1 јануари до денес на Клиниката имале 12 лица прегледани и потврдени за голема кашлица.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира