Откако адвокатот на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 вкрстено го испраша сведокот Орце Камчев со кого се караа во неколку наврати, судијката Васка Николовска-Масевска ги одби приговорите на обвинителката Вилма Русковска, па на судењето за „Рекет“ со вкрстени прашања настапи Боки 13.
Тој прво го праша Камчев врз основа на што тврди дека на бизнис плановите што му ги понудил за соработка за изградба на ВИП-фешн молови бил потпишан синот на обвинетата Катица Јанева, Лазар Јанев.
„Па договорот ми го дадовте да го видам и на последната страна беше потпишан Лазар Јанев“, одговори Камчев.
„А како изгледа потписот на Лазар Јанев“, потпраша Боки 13.
„Изглед како тој на последната страница од договорот“, кажа Камчев.
„А имате ли вие доказ кај вас, примерок од тој договор и тој потпис“, нападна Боки 13.
„Немам“, одговори Камчев.
- КАМЧЕВ ГИ ИСПОФАЛИ ЗАЕВ И ШЕКЕРИНСКА, ПОТОА И РУСКОВСКА, ЖАЛИ ШТО БОКИ 13 ЗЛОУПОТРЕБУВАЛ ПОЛИТИЧАРИ ОД СДСМ
- КАТИЦА НА РАСПИТ ВО СЈО МИ РЕЧЕ ДА ГО ЗАВРШАМ ТОА ШТО ГО ДОГОВАРАМ СО БОКИ, СВЕДОЧИ ОРЦЕ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
- ЌЕ СЕ ЗАВРШИ РАБОТАТА ЗА „ИМПЕРИЈА“, ГЛЕДАШ ТУКА СЕДИ СИНОТ НА КАТИЦА, Ѝ КАЖАЛЕ НА АНА КАМЧЕВА, СПОРЕД СВЕДОЧЕЊЕТО НА ОРЦЕ КАМЧЕВ
- НЕЗАДОВОЛЕН ОД СУМАТА ШТО МУ ЈА ПЛАТИВ ЗА РЕКЛАМА НА 1ТВ, БОКИ МИ ПРАТИ СЛИКА СО КАТИЦА, СВЕДОЧИ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
Потоа, Боки 13 во вкрстените прашања се осврна на милионот евра, кои наводно му ги исплатил Орце Камчев во торба „луј витон“. Го нарече наводен, божемски милион евра, како непостоечки.
„Дали јас присуствував кога се броеле парите од наводниот милион евра со таа ваша наводна Мими“, праша Боки 13.
„Не, броевме во друга соба, 5 минути пред да дојдеш“, одговори Камчев.
„Што имаше во таа торба“, праша Боки 13.
„Имаше милион евра, во апоени од 50 евра“, рече Камчев.
„Што имаше друго во торбата“, упорно го прашува Боки 13 Камчев.
„Имаше весници и пари“, одговори Камчев, по што беше дадена пауза.
Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата.
С. К. ДЕЛЕВСКА