Пратениците денес како последна точка на пленарната седница треба да гласаат за замениците министри во владата на премиерот Зоран Заев. Списокот на заменици министри беше поднесен минатата недела, но парламентарното мнозинство одлучи да ја одложи расправата и преќутно да го прифати барањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се одложи расправата, бидејќи тие се пожалија дека немаат доволно време да ги изанализираат.
Од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги користат сите законски дупки кои ги има собранискиот Деловник за да го блокираат изборот на замениците како и работата на Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери неколку пати досега ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ја формира пратеничката група. До денес ВМРО-ДПМНЕ нема доставено до собраниските служби список на пратениците што ќе ја сочинуваат пратеничката група, со назначен координатор и заменик-координатор.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со досегашното однесување на седниците покажуваат дека имаат стратегија и намера да ги блокираат собраниските седници со бесконечни процедурални забелешки. Ако оформат пратеничка група, се знаат правилата. Процедурални забелешки и реплики може да да даваат само координаторите на пратеничките групи и евентуално нивните заменици. Така Собранието треба нормално да функционира. Но, ако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата останат индивидуални пратеници, секој од нив ќе има право да дава процедурални забелешки за сè и сешто, да реплицира и контрареплицира кому сака и за што си сака, што е одлична можност да се блокира носењето на законите во Собранието. Бидејќи, во таков случај на пратеник-индивидуалец, претседателот на Собранието нема да може да не му даде збор или да му ускрати право на реплика, процедурална забелешка и останатите права што би ги имал само нивниот координатор“, објаснуваат од Собранието.
Во политиката се враќа Јани Макрадули, поранешниот потпретседател на Собранието како заменик министер за животна средина, a техничкиот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, е предложен за заменик министер во истиот ресор. Кире Наумов, министерот за финансии во Владата за спроведување избори оди во Министерството за економија, а Владимир Лазовски, глумецот од Театарот за деца и младинци, ќе биде заменик министер за култура
Предложени кандидати за заменици министри се:
- Беким Максути заменик министер за одбрана
- Агим Нухиу заменик министер на МВР
- Оливер Ристовски заменик министер за правда
- Арта Точи заменик министер на МНР
- Ширете Елези заменик министер за финансии
- Кире Наумов заменик министер за економија
- Власте Димковиќ заменик министер за земјоделство
- Владимир Лазовски заменик министер за култура
- Гоце Чакаровски заменик министер за здравство
- Јани Макрадули заменик министер за животна средина
- Висар Гани заменик министер за образование
- Елми Азири заменик министер за труд и социјална политика
- Дејан Павлески заменик министер за локална самоуправа
- Ремзи Мехмеди заменик министер за транспорт и врски
- Александар Бајдевски заменик министер за информатичко општество и администрација
Г.ТРПЕНОСКИ