Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и на ДПА денес во 11 часот треба да се се сретнат за да ги продолжат преговорите за имплементирање на Договорот од Пржино. Партиите треба да разговараат за реформи во медиумите и за моделот на прочистување на Избирачкиот список.
Преговорите ќе се водат на ниво на високи партиски функционери. За нова лидерска средба се уште не се создадени услови.
Во Македонија уште денеска е и специјалниот пратеник на германското министерство за надворешни работи Јоханес Хајндл. Тој вчера имаше средба со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, но не и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На средбата во владејачката партија била присутна партиска делегација, но од таму не соопштија кои функционери зборувале со Хајндл во отсуство на Никола Груевски.
Меѓупартиските преговори беа прекинати кон средината на јуни, поради дијаметрално спротивни ставови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за регулацијата на медиумите и за начинот на прочистување на Избирачкиот список. Двете партии за прекинувањето на преговорите вината си ја префрлаа една на друга.