Со паролата „Нема правда кога јавниот долг вртоглаво расте“, вечерва во 19 часот пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство во Скопје ќе има нов протест на Шарената револуција. Граѓанското движење повикува на протест против одлуката на Владата да се задолжи кај комерцијалните банки со еврообврзница од 650 милиони евра.
„Секој граѓанин на Македонија веќе должи по 2.200 евра, а режимот сака да го задолжи за уште 330 евра, во очајнички обид да продолжи да владее криминално“, стои во повикот за протестот.
Одуката на Владата за задолжување беше објавена во петокот, а викендов веб страницата “Јавен долг објави линк до граѓанска петиција “Не за еврообврзницата”, со која се повикуваат сите одговорни граѓани на Македонија, да се потпишат дека не ја признаваат еврообврзницата од 650 милиони евра.
“Јас, одговорна граѓанка/одговорен граѓанин на Република Македонија, изјавувам дека не ја признавам еврообврзницата од 650 милиони евра која Владата сака да ја издаде и дека не сакам да го враќам тој долг во годините кои следуваат!” се вели во петицијата која исто така ссе шири и на социјалните мрежи. Претходно, страницата Јавен долг предупреди дека новото задолжувањето е можно да достигне милијарда евра за враќање:
“Иако каматата сѐ уште не е позната, може да се претпостави дека таа ќе биде значајно повисока од каматата на претходната еврообврзница. Така, доколку износот на евообврзницата е 650 милиони евра, а каматата 7%, на неа ќе платиме камата од 455 милиони евра“, се вели на Јавен долг.
Финансискиот консултант и еден од пионерите и доајените во ревизорската дејност кај нас и во регионот Руди Лазаревски, на својот профил на Фејсбук напиша дека. согласно Договорот од Пржино, техничката влада нема право да земе кредит од 650 милиони евра во странство.
„ Банките само ќе наплатат добра провизија. Инвеститорите кои даваат пари, сигурно ќе обезбедат и второ мислење од претставници, како што се Светска банка, Европска банка, ММФ, претставници од крупниот капитал сместени во Зоната, нормално и од меѓународните потписници на договорот од Пржино. Овие последниве се особено важни, затоа што се потписници на Договорот. Што значи, директно ќе учествуваат во одредувањето на политичкиот ризик на земјата за инвестирање. Техничката влада на ДПМНЕ и ДУИ никогаш нема да дадат објаснување. Но, меѓународните потписници од Пржино би требале да дадат професионално објаснување. Ако оваа обврзница се реализира во обем задоволителен за Техничката влада, тогаш одговорите треба да се бараат од потписниците на пржинскиот договор“, смета Лазаревски.
Партијата Левица викендов изјави дека ако дојде на власт, нема да ги плаќа овие камати и ги повика странските банки да не ги купуваат обврзниците кои владата сака сега да ги издаде, а истото да го сторат и сите граѓани, граѓански организации и движења и сите политички партии.
Кире Наумов од СДСМ, кој до минатиот месец беше заменски министер за финансии во техничката Влада пред неговата партија да се повлече, изјaви дека одлуката да се издаде еврообврзница од 650 милиони евра е финансиско злосторство врз граѓаните, економијата и врз идните генерации. Тој рече дека со тоа јавниот долг и официјално ќе го надмине износот од 5 милијарди евра или 54 отсто од БДП.
„Ги известуваме „Сити банк“, „Дојче банк“, „Ерсте банк“ и „Сосиете Женерал“, како агенти за издавањето на најавената еврообврзница, дека согласно Законот за Влада, сè уште на сила се законски норми како и при издавањето на четвртата еврообврзница. Ако не биде испочитувана истата правна процедура, како при издавањето на таа еврообврзница, тогаш по промената на власта ќе го оспориме ова задолжување како законски јавен долг“, рече Наумов.
Претходно, лидерот на СДСМ Зоран Заев апелираше до „Сити банк“, до „Дојче банк“ и до сите потенцијални купувачи на еврообврзницата, да не ја купуваат, „во името на децата, на граѓаните и на иднината на Македонија“.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на тоа реагираше дека еврообврзницата се издава како реакција на политичката криза која СДСМ во етапи ја прави за да се спаси од политички пораз на избори. Според ВМРО-ДПМНЕ, издавањето на еврообврзницата од 650 милиони евра „е внесување свеж капитал во земјата кој ќе го гарантира нормалниот тек на економијата во услови на криза која СДСМ сака да ја продлабочи“.
„Сега преку своето деструктивно однесување се обидуваат да спречат Република Македонија да дојде до финансиски средства, надевајќи се дека ќе ги блокираат исплатите на плати, пензии, социјална помош или инвестирањето во нови училишта, градинки, болници и инфраструктура“, соопшти владејачката партија.