Демир Капија – Смоквица, новоизградениот дел од автопатот „Пријателство“, денеска ќе биде пуштен во употреба по шест години градење.
На пуштањето ќе учествуваат премиерот Зоран Заев, највисоки претставници на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Директоратот за проширување на ЕУ, министри и директори од Владата и градоначалници на општини низ кои минува автопатот, соопшти Владата.
28-те километри нов автопат ја чинат Македонија 270 милиони евра. Има 2 тунела по 1.200 метри и 6 мостови. Од контроверзната градба на овој дел од автопатот „Пријателство“, произлегоа две големи финансиски истраги.
Првин обвинителството на Грција отвори случај за финансиски криминал против изведувачот грчката фирма „Актор“, а пред околу еден месец, врз база на прислушуваните телефонски разговори, предистрага за перење на милионски суми отвори и Специјалното јавно обвинителство, именувајќи ја „Актор“.