Обвинители и судии на чело со министерката за правда Рената Дескоска, претседателот на Кривичен суд Иван Џолев, како и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, денеска се приклучија на акцијата за чистење што ја изведоа 40.000 административци заедно со премерот Зоран Заев. Судиите и обвинителите го чистеа просторот кај катната гаража „26 јули“ на Јужен булевар во Скопје.
Пред да почнат со чистење, министерката Дескоска на претседателот на Судскиот Совет Киро Здравев му подари ‚златна метла‘ за која кажа дека не е многу амортизирана. Здравев пак веднаш метлата ја предаде на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
„ ‘Златната метла‘ што некој ја остави пред неколку месеци пред Министерството за правда денеска му ја предадов на претседателот на Судскиот совет. По завршувањето на законската рамка за судовите, сега тежиштето е на Судскиот совет. Метлата е на вистинската адреса.“, напиша Дескоска на нејзиниот фејсбук профил.
Министерката Дескоска како и премиерот Зоран Заев, најавуваат дека ветинг во судството ќе се спроведе по завршување на предвремените парламентарни избори, кои се закажани за 12 април.
„Драго ми е дека веќе се јакне свеста и се отвора дебата и во рамките на самите правосудни институции дека потребни се одредени корекции во нивното работење“, изјави Дескоска на 11 декември.
А. АНТЕВСКА