ДЕТЕТО СО ДИЈАБЕТЕС НА КАРИЛ САМОСТОЈНО ДИШЕ, ЗДРАВСТВЕНИТЕ ИНСПЕКТОРИ ПРАВАТ ВОНРЕДЕН НАДЗОР КАЈ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И ВО БОЛНИЦИТЕ

    ДЕТЕТО СО ДИЈАБЕТЕС НА КАРИЛ САМОСТОЈНО ДИШЕ, ЗДРАВСТВЕНИТЕ ИНСПЕКТОРИ ПРАВАТ ВОНРЕДЕН НАДЗОР КАЈ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И ВО БОЛНИЦИТЕЗаменик министерот за здравство Асим Муса тврди дека четиринаесетгодишното дете родителите доцна го однеле на лекар (Фото: СДК.МК)

    Четиринаесетгодишното дете од Охрид, кај кое доцна е откриен дијабетес тип1 и кое од завчера е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, денес почнало самостојно да дише. Д-р Марина Крстевска-Константинова, ендокринолог од Клиниката за детски болести, кажа дека освен што детето самостојно дише, инсулинот веќе не му го даваат интравенозно туку субкутано.

    „Тоа е добар знак. Состојбата се подобрува“, рече Крстевска-Константинова.

    На Клиниката за детски болести на 17 и на 19 овој месец примени се уште две деца, едното од Гевгелија, а едното од Св.Николе. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Бухова-Сотирова кажа дека уште вчера по добивање на првичните информации оти во кус период на Клиниката за детски болести се донесени три деца кај кои за прв пат се открива дијабетес, веднаш почнале со вонреден инспекциски надзор.

    „Инспекторите од подрачните единици од каде доаѓаат децата отидоа на терен и вонреден надзор се прави кај матичните доктори кај сите три деца во Охрид, Гевгелија и Свети Николе и во општите болници каде биле пред да бидат деонесени на Детска клиника и на КАРИЛ. Овој надзор треба да даде одговори на прашањата дали е постапени како што треба“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Заменик-министерот за здравство Асим Муса тврди дека дијабетесот прв пат бил откриен кај сите три деца токму во болниците од каде биле препратени на Клиниката за детски болести. Според него, во случајот со четиринаесетгодишното дете родителите доцна го однеле на лекар.

    „Прв пат отишле на лекар за нивната здравствена состојба и за сите три откриено е во матичните установи дека се работи за дијабетес. Но, бидејќи се деца, а најдобро ги третираме на Детска клиника, правовремено се упатени во соодветна установа. Не е точно дека не се соодветно лекувани и дека е задоцнето лекувањето. Детето е однесено во болницата во Охрид и таму е откриено дека има дијабетес и веднаш е почнато со лекување. Детето дотогаш во таа состојба било дома и во таа состојба е однесено во болница. Родителите забележале дека не е во ред, но детето неколку дена одбивало да оди на лекар, па потоа го однеле“, рече Муса.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира