Брзата реакција на групата деца кои играле фудбал во дворот на основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Струга не само што го спасиле училиштето од поголемо уништување поради поплавата, туку им помогнале и на полицајците кои дошле да направат увид да го запалат службеното возилото со туркање.
Децата со кои поразговаравме за случката, велат дека се чувствуваат како херои бидејќи спречиле да се случи поголеми оштетувања на училиштето. Најсмешно им било кога не палело полициското возило и полицајците ги замолиле да ги турнат за да го стартуваат возилото. Дел од нив на шега прашуваа дали ќе им се продолжи зимскиот распуст поради поплавата.
„Дојдовме да играме фудбал. Но, видовме дека од под вратите на училиштето тече многу вода. Веднаш се јавивме во полиција. Полицајците дојдоа. Дојде и раководството на школото. Се запре водата. Кога требаше полицијата да си замине, не им палеше колата. Па нè замолија да турнеме за да запали возилото. И ние сите туркавме и полицијата си замина“ раскажаа за САКАМДАКАЖАМ.МК, децата херои.
Увидот покажал дека нема посериозни уништувања, само ѕидовите биле влажни и веќе почнале да се сушат. Вработените нормално ги обавуваат секојдневните активности.
Поплавата во училиштето била откриена на трети јануари. Три дена течеле чешми за вода во училиштето „Јосип Броз Тито“ во Струга. Водата предизвикала поплава во повеќе училници. Не се знае кој ги отворил славините и дали се тие намерно или ненамерно оставени отворени, бидејќи петокот во Струга немало вода. Оштетени се голем дел од ѕидовите, таваните и подовите на дел од училниците. Раководството на училиштето изјавија дека се утврдува колкава е штетата, и дали славините биле оставени намерно или ненамерно и дека ќе се утврдува и евентуална одговорност за настанатата штета.
Снимка од поплавата беше објавена на трети јануари на Јутјуб.