Бремените жени и лицата над 60 години од утре (19 јуни) до 23 јуни да бидат ослободени од работа, а децата во градинките да не се изнесуваат на отворено во периодот од 11 до 17 часот, се дел од препораките кои денеска ги донесе Владата барање на Министерството за здравство, поради топлотниот бран што се очекува од утре да ја зафати целата држава.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) се добиени информации дека од утре до 23 јуни целата територија на Македонија ќе биде зафатена од топлотен бран од портокалова фаза.
Акцискиот план на Владата предвидува:
- Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
- Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Македонија до 23 ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината, соопшти претходно Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.