На 15 октомври (недела) се закажани шестите локални избори на кои се бираат советници и градоначалници во 80 Општини плус Град Скопје.
На локалните избори со листи со кандидати за градоначалници и за советници ќе учествуваат 260 кандидати од 19 партии и коалиции, како и 64 кандидати предложени од група избирачи (независни кандидати). Од 260 кандидати за градоначалници, 15 се жени.
Право на глас на локалните избори имаат 1.814.644 гласачи.
Според Изборниот законик, за да биде избран градоначалник во првиот круг на гласање треба да излезат третина од запишаните гласачи во соодветната Општина, а половината од нив треба да гласаат за еден кандидат.
Ако во првиот круг на гласање ниту еден кандидат не го добил потребното мнозинство гласови, во втор круг се гласа за двајцата кандидати кои добиле најповеќе број гласови.
Вториот круг се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг.
Во вториот круг за гласање на градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.
Иако има само двајца кандидати, може да се случи кандидатите да се во мртва трка, а дали ќе има втор круг да одлучат неважечките гласачки ливчиња, кои влијаат на бројот на излезени гласачи.
Победници во прв круг за градоначалник во скопските Општини, како и во поголемите општини во Македонија, веројатно ќе има онаму каде има предложено само двајца кандидати:
СКОПЈЕ
- Ѓорче Петров
- Карпош
- Кисела Вода
- Аеродром
МАКЕДОНИЈА
- Гевгелија
- Прилеп
- Струмица
- Штип
- Кичево
Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.