Иако формално постои можност да закаже собраниска седница за време на предизборна кампања, претседателот на Собранието Талат Џафери нема да го стори тоа и да се договорат партиите за законот за СЈО, зашто, како што кажа тој, пратениците злоупотребуваат такви седници.
„И да се договорат сега, не можам да закажам таква седница, зашто досегашната пракса покажала дека пратениците на такви седници си тераат предизборна кампања. Тоа нема да им го допуштам. Нека контактираат овој период, нека се договорат и нека ги надминат разликите за СЈО, нема проблем да закажам седница по 6 мај, кога ќе бидат завршени претседателските избори“, одговори спикерот Џафери на прашање зошто е ова брзање на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев да се договори со партиите од опозицијата за поддршка на Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се регулира статусот на СЈО, и дали ако се договорат деновиве очекува тие да побараат од него „вонредна“ седница од понеделник натаму, кога Собранието нема веќе да работи заради почетокот на кампањата.
Џафери рече дека по 6 мај, кога се надева дека ќе имаме нов претседател, ќе ги стави повторно на седница реформските закони кои беа донесени со двотретинско мнозинство, а Ѓорге Иванов му ги врати непотпишани. Реформски закон е и Законот за Јавно обвинителство со кој се решава статусот на СЈО, а за кој сега преговараат партиите.
Џафери вели дека нема на овој начин да задоцниме со носењето на реформските закони зашто Европската комисија ќе го одложи малку Извештајот за Република Северна Македонија, заради изборите за Европскиот парламент.
С. К. ДЕЛЕВСКА