На предлог на целото мнозинство на СДСМ и ДУИ од 62 пратеника, Талат Џафери повторно е избран за претседател на Собранието.
За изборот на Џафери гласаа сите 62 пратеници што го предложија.
Уставот дава можност кандидатот за претседател да го предложи новоформираната собраниска комисија за избори и именувања или на предлог на најмалку 20 пратеници. Се одбра вториот начин.
Од 105 пратеници, 43 гласаа против.
Мнозинството ракоплескаше, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала. Не присуствуваа кога Џафери положи заклетва и ја потпиша свечената изјава.
Но, по неколку минути, пратениците се комплетираа и безмалку со консензус ја избраа Комисијата за избори и именувања. Претседател на Комисијата е Костадин Костадинов, а негов заменик Мухамед Зеќири, двајцата од СДСМ.
Со тоа, заврши конститутивната седница на Собранието.
Во текот на целиот ден имаше дискусии од опозиционите пратеници, кои зборуваа зошто нема да го гласаат Џафери. Постојано ги споменуваа препукувањата меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, нарекувајќи ја коалицијата непринципиелна, лицемерна и криминална.
Џафери спокојно ги слушаше, а за забелешките што толку доцна ја закажал седницата, бидејќи му се родил внук, одговараше дека внукот денеска не е тема на расправа, туку неговиот избор за претседател.
Новите пратеници ги советуваше да бидат поотпорни на дофрлувањата од место од нивните колеги. Ги замоли да се претставуваат, барем додека не си ги научат меѓу себе гласовите.
„Проблем е што мора да носиме маски. Вас новите не ве знам, а старите добро ги познавам и под маски”, рече тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА