ЏОЛЕВ ПРОДОЛЖУВА КАКО В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД

    ЏОЛЕВ ПРОДОЛЖУВА КАКО В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУДЏолев беше избран за претседател на Основниот кривичен суд Скопје пред точно четири години, на 8 ноември 2017 година. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет го определи досегашниот претседател Иван Џолев, кому му истече четиригодишниот мандат, за в.д. претседател на Основниот кривичен суд. Оттаму велат дека поради локалните избори немале можност да распишат оглас за избор на нов претседател на судот, па го определиле Џолев за в.д. претседател заради континуитетот во работата, затоа што судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови и затоа што тој е оценет со висока оценка за работата. 

    „Законот вели дека оглас за избор на претседател на суд се распишува 60 дена пред истекот на мандатот, но овие 60 дена се погодија во кампањата на локални избори. Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препорката на Антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател“, велат од Судскиот совет и најавуваат дека во блиска иднина ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основен кривичен суд, како и на други три основни судови, Тетово, Куманово и Ресен. 

    „Определувањето в.д. претседател се врши за да може Кривичниот суд непречено да функционира, со оглед на сериозните судски процеси и со оглед на обемната работа на овој суд. Судијата Џолев е определен заради континуитетот во работата и затоа што судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови и затоа што овој судија е оценет со висока оценка за работата“, додаваат од Судскиот совет.

    Џолев беше избран за претседател на Основниот кривичен суд Скопје пред точно четири години, на 8 ноември 2017 година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира