ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ БАРААТ НОВИ ЛЕКОВИ И НАВРЕМЕНА ТЕРАПИЈА

    ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ БАРААТ НОВИ ЛЕКОВИ И НАВРЕМЕНА ТЕРАПИЈАПретседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари Бојан Киров вели дека е недозволиво пациентите да останат без лек.

    Итно да се направи детален регистар на лица со дијабетес, навреме да се доставува инсулин во аптеките и да се воведат нови иновативни терапии за дијабетичарите. Ова се најважните цели од програмата за 2017 година на Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија.

    Бојан Киров, претседател на Сојузот, рече дека бараат од надлежните институции, веднаш и без одложување да изработат детален регистар на лица со дијабетес.

    „Ако веќе има регистар бараме транспарентен пристап до него, бидејќи тоа е информација од јавен карактер и сметаме дека бројката на лица со дијабетес треба да биде достапна, за да можеме активно и квалитетно да помогнеме во изработка на национална стратегија за борба со дијабетесот“, рече Киров.

    Сојузот на здруженија на дијабетичари најави дека годинава приоритет во нивните активности ќе биде да ја следат состојбата со снабдување и дистрибуција на безбедна и квалитетна терапија, како инсулинска така и таблетарна. Дијабетичарите велат дека изминатите две години постојано имале проблем со редовно снабдување на инсулинските аптеки со инсулин, односно дека скоро секој месец првите десетина дена недостигал одреден вид инсулин во аптеките.

    „Сметаме дека во соработка со Министерството за здравство, Фондот за здравство и останатите надлежни за набавка и дистрибуција на инсулинската терапија ќе го решиме овој проблем, бидејќи недозволиво е пациентите да останат без лек, кој е од животно значење за дијабетичарите“, рече Киров.

    Пациентите со дијабетес бараат надлежните да ги разгледаат можностите за воведување иновативни терапии.

    „Воведување на иновативни лекарства, може да биде протолкувано како зголемување на трошоците во буџетот. Но, на долг план користење застарени терапии создава компликации од дијабетесот, кои што подолгорочно ја оптеретуваат државната каса повеќе од иновативните инсулини. Тие компликации се решаваат со дополнителни интервенции и трошоци. Воведувањето на нови терапии, и инсулини и таблетарна терапија, ќе овозможи многу подобра регулација на шеќерот во крвта и самите пациенти се во подобра здравствена состојба“, вели Киров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира