Дополнителниот заменик министер за труд и социјала Диме Спасов синоќа во Скопје возејќи службено возило на Агенцијата за вработување удрил во две возила едноподруго, избегал по судирите и бегајќи бил запрен од полициска патрола, потоа избегал додека траел увидот, а подоцна на местото на настанот дошол друг човек кој тврдел дека тој возел, но не знаел што точно се случило, соопшти официјално МВР.
Спасов попладнево сѐ уште не дошол во полициската станица да даде изјава иако најавил дека ќе дојде утринава. Недостапен за коментар е и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, чија што службена кола ја возел Спасов.
Според сопштението на МВР, синоќа „во 23:20 часот Е. А. на бројот 192 пријавил дека во Градскиот парк во Скопје, движејќи се по сервисната улица кон хотел ‘Парк’ со своето возило ‘фолксваген’ со скопски регистарски таблици кое што лично го управувал, бил удрен од ‘пмв туарег’ со скопски регистарски таблици кое доаѓало од спротивен правец. Поради тоа што возачот на ‘туарег’ по предизвиканата сообраќајна незгода не застанал туку се дал во бегство, Е.А. со возилото се упатил по ‘туарег’. Возачот на ‘пмв туарег’ продолжил да се движи по улица Франклин Рузвелт, по што свртел десно по улица М. Т. Гологанов, па потоа по улица Њуделхиска, каде што предизвикал и втора сообраќајна незгода удирајќи во ‘рено’ со скопски регистарски таблици, и повторно, без да застане, продолжил кон улица Алжирска, каде бил сопрен од полициска патрола. Од страна на полициски службеници лично и непосредно било утврдено дека од возилото ‘туарег’, сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К.“, вели МВР и продолжува:
„Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, по што од страна на полицискиот службеник била известена Единицата за Информирање и Командување. За време на утврдувањето на идентитетот на Т.К., лицето кое го управувало возилото Д. С. разговарало на мобилен телефон и се оддалечило од возилото на неколку метри, по што со трчање се дало во бегство во правец на улица Дрезденска. Од страна на УПС од ПСОН Карпош заедно со тимови од единицата АЛФА биле извршени обиколки во непосредната околина, но лицето не било пронајдено односно успеало да избега. Околу 2 часот на улица Алжирска, односно на местото каде што било оставено ‘туарег’ дошол М. Т. и на полициските службеници им пренел дека возилото ‘туарег’ било управувано од негова страна. Од дадената изјава на М. Т. може да се констатира дека недоволно ги познавал околностите под кои се случени претходно опишаните сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото. Изјавата на М.Т. не кореспондира со изјавата на сопатничката Т. К. и утврдената фактичка состојба на лице место од страна на полициските службеници кои што констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К.“, соопшти МВР со најава дека „работи на комплетно расчистување на околносите околу случените сообраќајни незгоди, за што јавноста ќе биде соодветно информирана“.
Спасов, кој попладнево сѐ уште не се појави во сообраќајната полиција во Лисиче, утринава се јави со Фејсбук демант по веста за сообраќајката и се закани дека ќе тужи новинари и медиуми.
„Опозициските портали дрско и непоткрепено манипулираа дека се случила тешка сообраќајна несреќа со настанати штети што е целосна невистина. За овој типичен пример на организиран и координиран напад поттикнат во политички цели против дополнителниот заменик министер во наредните денови не е исклучено и поведување постапки пред надлежните судови за докажување на вистината“, напишал Спасов на неговиот Фејсбук профил на објавата насловена „Реакција“. Тој напишал и: „должни сме да реагираме бидејќи истите се базираат на невистини, шпекулации и груби дезинформации кои очигледно се смислени за да наштетат на угледот на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика“.
Веста за сообраќајката на дополнителниот заменик министер Диме Спасов со сведоштва од очевидци многу брзо беше раширена по социјалните медиуми уште во текот на ноќта.