Министерот за надворешни работи Никола Димитров на 24 и 25 мај (четврток и петок) во Њујорк, ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во присуство на личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, соопшти Министетството за надворешни работи.
Од Владата денеска соопштија дека ќе ги продолжат разговорите со грчката Влада сè до наоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор.
„Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина. Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации кон ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година. Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција“ се вели во владиното соопштение.
При објавувањето на предлогот по лидерската средба што се одржа во саботата Заев рче дека ако предлогот дома добие зелено светло и ако се отвори можност процесот да продолжи, идната недела ќе се случи средба на министрите за надворешни работи со посредникот Метју Нимиц во Њујорк на која овој договор со Ципрас ќе се драфтира на хартија, а ќе се утврди и временска рамка на натамошните чекори. Во Њујорк ќе се утврдат и меѓународните правни аспекти за идните чекори во Обединетите нации со предложеното ново име Република Илинденска Македонија.