ДИМИТРОВ ОДИ ЗА ГЕРМАНИЈА НА СРЕДБА СО МАС И ЧЛЕНОВИ НА БУНДЕСТАГОТ ПО ПОДДРШКА ЗА ЕУ

    ДИМИТРОВ ОДИ ЗА ГЕРМАНИЈА НА СРЕДБА СО МАС И ЧЛЕНОВИ НА БУНДЕСТАГОТ ПО ПОДДРШКА ЗА ЕУДимитров на Мас ќе му ги презентира резултатите за напредокот на земјава изминатава година откако е формирана новата Влада, како и очекувањата за добивање препорака за почетокот на преговорите на членство во Европската Унија.(Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре во Берлин ќе се сретне со германскиот колега Хајко Мас, како и со членови на Парламентот. Ова ќе биде прва средба на Димитров и Мас, кој е шеф на германската дипломатија од март годинава, а претходно беше министер за правда.

    Димитров на Мас ќе му ги презентира резултатите за напредокот на земјава изминатава година откако е формирана новата Влада, како и очекувањата за добивање препорака за почетокот на преговорите на членство во Европската Унија, велат од Министерството за надворешни работи (МНР).

    Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека посетата на Димитров на Германија е многу важна бидејќи тој покрај средбата со Мас, ќе се сретне и со членови на Парламентот, кои имаат одлучувачка улога во тоа дали Германија ќе ја поддржи Македонија за отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.

    „Многу важно е што министерот Димитров ќе има средба со членови на Бундестагот бидејќи во Германија Бундестагот одлучува за важните прашања од надворешната политика. Владата пред да донесе одлука мора да го праша Парламентот. Јас сум оптимист дека Парламентот ќе гласа позитивно  за отворање на пристапни преговори за Македонија. Ви честитам за постигнатиот договор со Грција, ова е навистина историски момент. Сега имате слободни раце да преминете кон остварување на реформите за членство во ЕУ“, вели Герберих.

    Вчера министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, откако премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас објавија дека е постигнат договор во спорот за името, изјави дека е отстранета клучната пречка Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ. Тој ги повика сите политички сили во Скопје и во Атина да придонесат за спроведување на овој историски договор, бидејќи тој ги јакне добрососедските односи меѓу двете земји и придонесува за стабилноста на Западен Балкан.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари