ДИМИТРОВ ПРЕГОВАРА СО ИВАНОВ ЗА АМБАСАДОРИ ВО ПРАЗНИТЕ АМБАСАДИ

    ДИМИТРОВ ПРЕГОВАРА СО ИВАНОВ ЗА АМБАСАДОРИ ВО ПРАЗНИТЕ АМБАСАДИМоментално, околу 15 амбасади во странски држави и постојани дипломатски мисии немаат амбасадори, а во 2018 ќе се испразнат уште 20 дипломатско -конзуларни претставништва; - министерот за надворешни работи Никола Димитров и претседателот Ѓорге Иванов (Фото: МИА)

    Министерството за надворешни работи (МНР) започнало почетни консултации со претседателот на државата Ѓорге Иванов за пополнување на испразнетите амбасадорски места, велат од Министерството.

    „Започнати се иницијални консултации со претседателот на државата Ѓорге Иванов за пополнување на испразнетите амбасадорски места во македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП).  Ставот на МНР е испразнетите места да се пополнат што е можно повеќе од професионалците вработени во министерството“, велат од МНР и додаваат дека приоритет за пополнување се амбасадорските места во Брисел, Лондон и во Париз.

    Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов  за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека имале комуникација и разговори со Министерството за надворешни работи.

    „Изминатиов период имаше разговори и консултации меѓу претседателот на Република Македонија и Министерството за надворешни работи, согласно Законот за надворешни работи за пополнување на испразнетите амбасадорски места“, кусо изјавија од Кабинетот на претседателот.

    Детали за разговорите не кажуваат ниту од МНР ниту од Кабинетот на Иванов.

    Моментално, околу 15 амбасади во странски држави и постојани дипломатски мисии немаат амбасадори. За дипломатската работа се грижат  вршители на должност.  Во 2018 ќе се испразнат уште 20  дипломатско -конзуларни претставништва.

    За проблемот со испразнетите места во дипломатско-конзуларните претставништва и пополнувањето на местата со партиски кадри и со лица кои немаат дипломатско искуство алармираше и Синдикатот на МНР.

    Во април годинава, Синдикатот на МНР го обвини тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски дека интерните конкурси во министерството се објавувале незаконски, бидејќи се работело за постпостоизборен период кога не е избрана нова Влада и дека се објавуваат за да се згрижат партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тогашното раководство на МНР на обвинувањата на дипломатскиот синдикат изјави дека постапката е според Законот за надворешни работи и Правилникот на министерството, и рекоа дека „лицата кои се претставуваат како Синдикат“ сакаат да извлечат политички поени.

    Извори од  МНР за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека има вработени кои уште од 2005 постојано се на амбасадорска функција.

    „Има амбасадори кои се 12 години постојано во странство, во дипломатските мисии. Тоа е спротивно со регулативата. Кога ќе ти заврши мандатот, се враќаш во Македонија, седиш тука година или две, па, ако има потреба одиш пак во странство. Таа практика на врзани мандат ќе ја прекинеме“, велат за извори од МНР.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    СПИСОК НА МАКЕДОНСКИ АМБАСАДИ КОИ НЕМААТ АМБАСАДОРИ

    1. Белгија
    2. Босна и Херцеговина,
    3. Велика Британија,
    4. Естонија
    5. Норвешка,
    6. Полска
    7. Франција
    8. Хрватска
    9. Црна Гора
    10. Чешка
    11. Швајцарија
    12. Шпанија
    13. Катар
    14. Кина
    Празни се и Постојаните мисии на Република Македонија во ЕУ во Брисел, во ОН во Женева и УНЕСКО во Париз.

     

    АМБАСАДИ КОИ ЌЕ СЕ ИСПРАЗНАТ ВО 2018
    1. Обединети Арапски Емирати,
    2. Казахстан
    3. Србија
    4. Унгарија
    5. Ватикан
    6. САД
    7. Австрија
    8. Египет
    9. Австралија
    10. Украина
    11. Данска
    12. Словенија
    13. Индија
    14. Косово
    15. Шведска
    16. Израел
    17. Албанија
    18. Јапонија
    19. Холандија
    20. Грција

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира