ДИРЕКТОРОТ НА ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА ЌЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА И ПОКРАЈ ТОА ШТО ВЕЛИ ДЕКА ЈАНАКИЕСКИ И РИСТОВСКИ ГИ ПОЧНАЛЕ ИНЦИДЕНТИТЕ

    ДИРЕКТОРОТ НА ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА ЌЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА И ПОКРАЈ ТОА ШТО ВЕЛИ ДЕКА ЈАНАКИЕСКИ И РИСТОВСКИ ГИ ПОЧНАЛЕ ИНЦИДЕНТИТЕДиректорот Ѓоко Котевски најави дека до понеделник ќе биде завршената комплетната внатрешна истрага. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на затворот во Шутка Ѓоко Котевски кажа дека го прифаќа барањето на премиерот Зоран Заев да поднесе оставка поради вчерашните инциденти со поранешните министри Миле Јанакиески и Спире Ристовски, кои се во притвор како осомничени за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017.

    „Го прифаќам барањето и најавувам дека ќе поднесам неотповиклива оставка од позицијата директор на КПУ затвор Скопје. Кога службата ќе потфрли, логично е од професионални и морални причини да се поднесе оставка. Од досегашната истрага се утврдени пропусти во постапувањето и непочитување на стандардните безбедносни протоколи од службата за обезбедување во затворот и затоа преземам одговорност. Сакам да повторам и да потврдам дека согласно очевидците и писмените изјави од лицата од вчерашниот настан, вербалните инциденти ги почнаа лицата М.Ј. и С.Р., по што биле физички нападнати. Се разбира, за сите физички насилства нема оправдување, секој од нас треба да ги осуди и затоа преземам одговорност“, изјави Котевски пред затворот и најави дека до понеделник ќе биде завршената комплетната внатрешна истрага.

    Од Основниот суд Скопје 1 соопштија дека денеска во затворот во Шутка судија разговарал со Јанакиески и Ристовски, кои вчера беа физички нападнати во затворот. Од судот велат дека при посетата е констатирано дека состојбата во затворот денеска е мирна, без нарушување на редот и мирот, а сите активности на притворените лица се одвиваат непречено и додаваат дека Јанакиески пред судијата изјавил дека по вчерашниот инцидент се здобил со повреди по што бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде што му била укажана медицинска помош. Со оглед да чувствувал болки на телото, препишана му е соодветна медицинска терапија кој од денеска редовно ја прима.

    Судот ѝ препорачува на управата на установата да ги преземе сите мерки за расчистување на случајот и да направи ревизија на распоредите за прошетки на свеж воздух на притворените лица со што во иднина нема да овозможи лицата кои учествувале во вчерашниот инцидент повеќе да не се среќаваат во дворот на затворот.

    „Дополнително Основниот суд Скопје 1 – Скопје ќе се обрати до Управата за извршување санкции со барање да изврши анализа и да предложи други Казнено поправни установи во земјата кои имаат соодветни услови за одредени притвореници кои сметаат дека не се безбедни во Затворот – Скопје, да се префрлат во тие установи се до истек, промена или укинување на определената мерка притвор“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира