ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА И ЗА ПОЛИЦАЕЦОТ КОЈ ПРВО ОДБИ, А ПОТОА ГО КРЕНА „ПОРШЕТО“ НА КЕРИМ ОД ВЕЛОПАТЕКА ВО ДЕБАР МААЛО ДОДЕКА БИЛ В КАФЕАНА СО СОПРУГОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА

    ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА И ЗА ПОЛИЦАЕЦОТ КОЈ ПРВО ОДБИ, А ПОТОА ГО КРЕНА „ПОРШЕТО“ НА КЕРИМ ОД ВЕЛОПАТЕКА ВО ДЕБАР МААЛО ДОДЕКА БИЛ В КАФЕАНА СО СОПРУГОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТАВо видеото се гледа како најпрво полицаецот не дава налог да се крене колата велејќи дека е на полициски службеник на должност.(Фото: Принтскрин од видео)

    Министерството за внатешни работи (МВР) поведе дисциплинска постапка и за полицаецот кој прво одби, а потоа нареди пајакот да го крене „поршето“ на ексминистерот Срѓан Керим паркирано на велосипедска патека пред ресторан во скопско Дебар Маало на 22 март, потврди МВР за телевизија Телма. На 4 април, МВР поведе дисциплинска постапка за двајца полициски службеници од Одделението за лично обезбедување на Претседателката на РСМ кои лажно тврделе дека „порше“ е службено. Од МВР и официјално ги потврдија исказите на очевидци дека обезбедувањето било во ресторанот како придружба на сопругот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Благоја Давков.

    „Полициските службеници биле ангажирани за обезбедување на лице поврзано со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, конкретно нејзиниот брачен другар, кој во моментот бил присутен во угостителски објект. Активноста на полициските службеници е во рамки на редовните мерки и надлежности согласно Уредбата за обезбедување на личности и објекти“, одговорија од МВР за Телма.

    Видеото во кое се гледа дека пајак-службата и полицијата не сакаат да го кренат возилото беше објавено на 4 април на социјалните мрежи. Полицаецот во видеото вели дека колата е на полициски службеник на должност. Од МВР велат дека внатрешната контрола отворила постапка кога видеото беше објавено на социјалните мрежи на 4 април, а не на 22 март, кога се случило лажењето на обезбедувањето на Давков, за време на националната жалост по пожарот во Кочани со 59 жртви.

    Во соопштението на МВР од 4 април не беше спомнато дека под е постапка и полицаецот кој е во придружба на пајакот.

    „Полицискиот службеник С. Н., со специјално возило ‘пајак’ и двајца вработени од ЈП за јавни паркиралишта на Општина Центар, се упатиле на наведеното место, каде што било затекнато возилото и револтирана група граѓани кои барале возилото да биде подигнато. На местото на настанот, од угостителски објект излегле две лица кои се легитимирале како полициски службеници и изјавиле дека возилото е службено. Полицискиот службеник С. Н. им наредил веднаш да го отстранат возилото и да го паркираат на соодветно место, по што влегол во кабината на пајак возилото со цел да провери дали возилото навистина е службено. Откако утврдил дека возилото не е службено и дека сè уште не е отстрането, на вработените од ЈП Јавни паркиралишта им дал наредба да го подигнат возилото, по што истото било пренесено во депото. Таму, од страна на полицискиот службеник Х. Ѓ. е составен записник за сторен сообраќаен прекршок по чл. 63 став 6 од ЗБСП, како и прекршочен платен налог, во кој е наведено дека сторител на прекршокот е С. К. (76) од Скопје. Сопственик на возилото е М.Т. (48) од Скопје. Двете лица кои се претставиле како полициски службеници и тврделе дека возилото е службено, со патничко возило ‘форд мондео’ се упатиле кон депото. Полициските службеници од ОВККИПС извршиле проверки за возилото ‘форд мондео’ и констатирале дека истото го управувале полициските службеници Т. Д. и И. С., распоредени во Одделението за лично обезбедување на Претседателот на РМ“, соопшти тогаш МВР.

    Но, МВР и внатрешната контрола сега тврдат дека и тој сторил „потешко кршење на работниот ред и дисциплина“, без многу детали што конкретно направил и дали им го предал „поршето“ после носењето во депото.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира