ДО 28 МАЈ ПРОДОЛЖЕНО РЕНОВИРАЊЕТО НА ПИСТАТА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

    ДО 28 МАЈ ПРОДОЛЖЕНО РЕНОВИРАЊЕТО НА ПИСТАТА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМХеликоптер на американските воздушни сили слетува на платформата на Скопскиот аеродром додека на пистата се гребе стариот и се става нов асфалт.- (Фото: Ѓ. Личовски)

    За 12 дена е продолжено реновирањето на пистата на Скопскиот меѓународен аеродром и ќе трае до 28 мај, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од ТАВ Македонија, компанијата што е концесионер и го менаџира аеродромот. Рехабилитацијата на пистата почна на 28 март и требаше да заврши до 16 мај.

    „Периодот за рехабилитација на пистата е продолжен за 12 дена, од 16 мај до 28 мај. Летовите на Меѓународниот Аеродром Скопје ќе се одвиваат во истиот временски период од денот, од 17 часот до 9 часот, како што се одвива авиосообраќајот од 28 март кога почнаа градежните работи. Продолжувањето на временската рамка се должи на потешките од вообичаено зимски временски услови со многу врнежливи денови. Бидејќи сакаме да постигнеме одличен квалитет, решивме дека ќе биде подобро да го продолжиме рокот“, велат од ТАВ.

    Од  компанијата велат дека е издадена важна порака во воздухопловството (НОТАМ) со која се информирани сите чинители во воздухопловството (авиокомпании, регулаторни тела и други) дека рехабилитацијата на пистата на аеродромот во Скопје е продолжена до 28 мај.

    Рехабилитација на пистата значи дека се обновува горниот слој на асфалтот. Пистата на меѓународниот аеродром „Скопје“ е долга 2.950 и широка 45 метри. Последната реконструкција беше направена во 1996 година, кога аеродромот беше затворен два и пол месеци, а целиот сообраќај беше префрлен на Охридскиот аеродром.

    А.АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира