Претседателот Стево Пендаровски кажа дека изјавата на португалската секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријаш дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“ ги поткопа сите напори на португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва и неговиот предлог за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија. Но, вели тој, добра вест е што португалското претседателство со ЕУ заврши, а претседателството го презема Словенија.
Пендаровски жали што државната секретарка за европски прашања отишла против предлогот на Португалија.
„Од историчари што се бават со политика, полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Изјавата на секретарката за жал ги поткопа сите напори на нејзиниот колега од истата влада Силва за на крајот да излезе со солиден предлог со кој се испочитувани како македонските, така и бугарските витални национални интереси“, изјави Пендаровски на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Загреб.
Понатаму, Пендаровски рече дека Словенија, која од утре со презема претседателството со ЕУ од Португалија, е еден од најдобрите адвокати за влезот на целиот Западен Балкан во ЕУ.
„Во однос на словенечката Влада која оперативно ќе го води претседавањето во следните шест месеци немаме апсолутно никакви дилеми дека ќе направи најдобро што може, што е во нивна компетенција. Меѓутоа, зборувајќи за претседавачите на ЕУ, лавовскиот дел од работата е меѓу Скопје и Софија во нашите директни преговори. Немам никакви сомнежи и контроверзии дека Словенците во однос на ова прашање – интеграцијата за Западниот Балкан, ќе бидат одлични претседавачи“, рече Пендаровски.