ШТО ЌЕ БИДЕ АКО ХРВАТСКА ГО ОСПОРУВА БОШЊАЧКИОТ ИЛИ ЦРНОГОРСКИОТ ЈАЗИК, ПРАША ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА

    ШТО ЌЕ БИДЕ АКО ХРВАТСКА ГО ОСПОРУВА БОШЊАЧКИОТ ИЛИ ЦРНОГОРСКИОТ ЈАЗИК, ПРАША ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА„Јас никогаш не ги коментирам територијалните спорови што ги имала Португалија со Шпанија во минатото“, дополнително додаде хрватскиот претседател Милановиќ по средбата со македонскиот колега Стево Пендаровски. (Фото: Кабинет на претседателот)

    Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ оспорувањето на идентитетот и јазикот не само на народот на соседна земја, туку и на други држави, го нарече погрешно и неморално. Додека, за изјавата на португалската државна секретарка рече дека на пример, тој никогаш не би ги коментирал територијалните спорови меѓу Шпанија и Португалија.

    „Да повлечам аналогија, кога се работи за идентитетот и правото на сопствен идентитет. Што би се случило кога Хрватска би го довела во прашање црногорскиот, бошњачкиот идентитет и јазик? Босна и Херцеговина е наша соседна држава, мнозински народ до вчера беа босански муслимани или само муслимани. Пред 20 години го прифативме новото име на идентитетот, бидејќи тешко е да натераш некого да се нарекува со одредено име и јазикот да го нарекува со одредено име, во случајов за бошњачкиот. Тоа е погрешно и неморално. Исто и за црногорскиот јазик и идентитет“, рече Милановиќ на заедничката прес-конференција во Загреб со македонскиот претседател Стево Пендаровски кој е во посета на Хрватска.

    Шефот на хрватската држава рече дека изјавата Ана Паула Закаријаш ја дала од незнаење и додаде: „Јас никогаш не ги коментирам територијалните спорови што ги имала Португалија со Шпанија во минатото“.

    Зборувајќи дека заеднички именител на Европската унија се сличности, а не разлики, тој анализираше и каде во суштина би ѝ бил проблемот на Бугарија со оспорувањето на македонскиот јазик и на идентитетот македонски.

    „Проблемот на Бугарија ѝ е шенгенот. Ако е тоа начинот Бугарија да привлече внимание кон себе за побрзо да стане членка на шенген системот, како неодамна Хрватска и Романија, не гледам дека тоа е ефективен начин. Треба сите три земји што попрво да влезат во шенген системот“, смета Милановиќ.

    Пендаровски жали што државната секретарка за европски прашања отишла против предлогот на Португалија.

    Од историчари што се бават со политика, полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Изјавата на секретарката за жал ги поткопа сите напори на нејзиниот колега од истата влада Де Силва за на крајот да излезе со солиден предлог со кој се испочитувани како македонските, така и бугарските витални национални интереси“, рече тој.

    Пендаровски на новинарско прашање дали е за Албанија да се издвои од Македонија која е блокирана од Бугарија, одговори дека е за индивидуализиран пристап во напредокот кон ЕУ, и дека не е фер и немаме право да кажеме: „Немојте да ја пуштате напред Албанија, поради некоја членка на ЕУ што нас не блокира“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира