ДОДЕКА ВЛАСТА БРОИ КОЛКУ ИЗЕЛЕ ВМРОВЦИТЕ, КОЦЕ ПРЕД МНР СТАВИ УШТЕ ЕДНА ВРТЕЛЕШКА ОД 187.000 ЕВРА

    ДОДЕКА ВЛАСТА БРОИ КОЛКУ ИЗЕЛЕ ВМРОВЦИТЕ, КОЦЕ ПРЕД МНР СТАВИ УШТЕ ЕДНА ВРТЕЛЕШКА ОД 187.000 ЕВРАГрадските власти очекуваат новата вртелешка да стане рентабилна по шест години - вртелешката пред МНР

    Додека новата владејачка гарнитура се занимава со менито и начинот на исхрана на вмровците во изминатите 11 години, на иницијатива на градоначалникот Коце Трајановски се монтира втора вртелешка во Скопје. Иако лани градските власти најавија дека таа ќе биде поставена на плоштадот Филип Втори, вртелешката се монтира пред новата барокна зграда на Министерството за надворешни работи на плоштадот „Пресвета Богородица“.

    Директорот на ЈП„Паркови зеленило“, Душан Авировиќ кој на барање на Град Скопје раководи со поставувањето на каруселите, појасни дека оваа локација за новата вртелешка е привремена. Рече дека штом се создадат услови, таа ќе биде префрлена во Луна парк, кој сега се реновира. Директорот Авировиќ најави дека новата вртелешка ќе почне со работа од следната недела.

    Ја набавила фирмата „Технометал Вардар“ која ја набави и првата вртелешка, поставена на Плоштад Македонија. За да стигне до оваа фирма, подготвена да набави карусел по специфики одредени од Град Скопје, „Паркови“ за првата вртелешка распиша дури шест тендери. Директорот Авировиќ за втората вртелешка само кусо рече дека ја набавила истата фирма.

    Вториот карусел е поскап од првиот. За него се потрошени 11,5 милиони денари или околу 187.000 евра. Првиот чинеше околу 160.000 евра.

    На почетокот на 2015 година Град Скопје му префрли субвенции во висина од 195.000 евра на „Паркови“ за набавка на вториот карусел. Град Скопје ја плати и набавката на првиот.

    Вртелешката на Плоштад Македонија беше поставена во 2013 година. За да се вклопи во проектот „Скопје 2014“ за неа беше изградена и барокна билетара. Трошоците направени за првата вртелешка директорот Авировиќ рече дека се покриле по четири години работа. Тој очекува новата вртелешка да почне да работи со профит за шест години.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира