ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ЌЕ СЕ ПОТПИШЕ НА 1 АВГУСТ ВО СКОПЈЕ, ЗАЕВ ГИ ОБЈАВИ ДЕТАЛИТЕ

    ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ЌЕ СЕ ПОТПИШЕ НА 1 АВГУСТ ВО СКОПЈЕ, ЗАЕВ ГИ ОБЈАВИ ДЕТАЛИТЕДоговорот ќе биде потпишан на официјалните јазици на договорените страни - македонски јазик согласно Уставот и бугарски јазик согласно бугарскиот Устав, и двата текста ќе имаат еднаква важност, соопшти денеска премиерот Зоран Заев на прес конференција на која ги претстави деталите (Фото: СДК.МК)

    Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија ќе биде потпишан на први август во Скопје. Договорот ќе биде потпишан на официјалните јазици на договорените страни -македонски јазик, согласно Уставот и бугарски јазик, согласно бугарскиот Устав, и двата текста ќе имаат еднаква важност, соопшти денеска премиерот Зоран Заев на прес конференција на која ги претстави деталите.

    „Договорот ќе биде потпишан на први август во Владата на Република Македонија. Тој ќе биде јавно објавен на владината веб страница и сите граѓани ќе можат да се запознаат со неговата содржина“, рече Заев.

    Во договорот, за решавање на најпроблематичните прашања меѓу двете земји, предвидено е формирање заедничка комисија за историја и за образовни прашања, која ќе даде објективно толкување засновано врз докази од историски извори, и научно толкување на историските настани. Со заемна согласност, двете страни ќе организираат чествувања на историски настани и личности.  Комисијата ќе поднесува извештај еднаш годишно пред владите на двете земји.

    Договорот со Бугарија беше поделен на новинарите на прес конференцијата

    „Ова е голем чекор и одраз на новиот дух на политичари кои градат мостови, а не рушат. Решени сме да водиме политики кои решаваат проблеми, а не создаваат. Од другата страна имаме пријател и сосед со добра волја. Договорот не треба да биде само текст, туку треба да има душа, да има уште поголем дух и од она што самиот текстот го предвидува. Минатото и историјата ги поставуваме како темел на иднината. Оваа Влада го финализираше процесот  започнат  2009 година. Градиме добра кохабитација со претседателот на државата. Преку министерот за надворешни работи Никола Димитров беше информиран и претседателот на државата Ѓорге Иванов. Тој сугерираше јавно да го објавиме договорот, тоа го направивме“, рече Заев.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира