Министерството за надворешни работи жали што руското Министерството за надворешни работи во негативен контекст апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство во одговорот на вчерашниот коментар на руското МНР за усвојување на уставните измени предвидени со Договорот од Преспа. Понатаму во одговорот, македонското МНР вели дека Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите.
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија со жалење констатира дека и покрај толку горливи проблеми во денешниот свет, Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација повторно, во негативен контекст, апострофира автентични политички процеси во две соседни земји, кои водат кон решавање на проблеми, зацврстување доверба и градење пријателство“, се вели во соопштението на македонското МНР.
За обвинувањата од руското МНР дека уставните измени не ја одразуваат на волјата на народот, од македонското МНР велат дека измените на Уставот ја рефлектираат консензуалната определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија и добија неподелена поддршка од пошироката меѓународна заедница, како чин на политичка храброст, одговорност и лидерство, со кој се решава долгогодишен билатерален проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу Република Македонија и Грција.
„Договорот од Преспа не само што не задира во интересите на трети страни, туку суштински придонесува кон регионалната стабилност, пријателство и соработка, и како таков претставува пример и модел за решавање на отворени прашања меѓу државите. Министерството за надворешни работи на Република Македонија е уверено дека иднината ќе ја потврди исправноста на овој пристап, кој претпочита политичко визионерство и лидерство, како и дека придобивките за регионалната стабилност и просперитет ќе бидат прифатени и валоризирани од сите страни, вклучително и од пријателската Руска Федерација“, велат од македонското МНР.