ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО Е ШТЕТЕН И НЕПРИФАТЛИВ ЗА МЕНЕ, НЕ ГО ПОТПИШУВАМ, КАЖА ИВАНОВ

    ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО Е ШТЕТЕН И НЕПРИФАТЛИВ ЗА МЕНЕ, НЕ ГО ПОТПИШУВАМ, КАЖА ИВАНОВ„Нема да легализирам политички дивоградби. Мојот став е конечен, нема да поддржам и да потпишам ваков штетен текст на договор“, изјави Иванов (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Ѓорге Иванов најави дека нема да го потпише договорот за името со Грција по ратификацијата во македонскиот парламент, во попладневното обраќање по прекинатата средба со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров утринава. Иванов вели дека станува збор за личен договор на Заев и Димитров и дека договорот претставува напуштање на позициите за неменување на Уставот и неприфаќање име за севкупна употреба.

    „На увид ми беше доставен договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. На Заев и Димитров им кажав дека ова е нивен личен договор и нивна одговорност. Овој штетен договор претставува напуштање на досегашните суштествени позиции, неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба, т.е. ерга омнес. Ова е штетен договор, единствен во историјата на човештвото и за мене е недостоинствен и неприфатлив. Нема да легализирам политички дивоградби. Целиот преговарачки процес се одвиваше нетранспарентно и неодговорно. Текстот на договорот е поразителен за Македонија. Се предвидува промена на преамбулата и сите членови на Уставот каде што се споменува Република Македонија. Тврдам дека тоа што го направи Грција со Македонците во Грција преку овој договор настојува да го направи со Македонците во Македонија. ЕУ И НАТО не смеат да бидат алиби за штетен договор. Мојот став е конечен, нема да поддржам и да потпишам ваков штетен текст на договор“, изјави Иванов во обраќањето од претседателската вила.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари