ДОКТОРКАТА ОД ВИНИЦА КОЈА ОСТАНА БЕЗ КАПИТАЦИЈА ДОБИ РОК ДО ЈУНИ ДА НАЈДЕ МЕДИЦИНСКА СЕСТРА

    ДОКТОРКАТА ОД ВИНИЦА КОЈА ОСТАНА БЕЗ КАПИТАЦИЈА ДОБИ РОК ДО ЈУНИ ДА НАЈДЕ МЕДИЦИНСКА СЕСТРАПод мотото „И јас сум Виолета“, приватните лекари од Велес на 13 март протестираа пред Фондот за здравство за да ѝ дадат поддршка на колешката од Виница, д-р Виолета Петковска (Фото: СДК.МК)

    Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на денешната седница одлучил на матичната лекарка од Виница која повеќе месеци е без капитација, а тоа значи и без плата и здравствено осигурување, да ѝ даде дополнителен рок за да го комплетира тимот согласно законските одредби и договорот со Фондот.

    „Олеснителна околност за докторката беше што достави докази дека повеќе пати објавувала оглас со кој бара медицинска сестра и дека не може да најде. Затоа најдовме модел да ѝ се исплати заостанатата капитација. Ѝ дадовме дополнителен рок до јуни да го комплетира тимот. Системско решение за вакви случаи ќе бараме со Министерството за здравство“, велат од ФЗОМ.

    Здружението на приватни лекари неделава најави дека одлучи да протестира пред ФЗОМ и пред Министерството за здравство, ако не се најде решение за нивната колешка д-р Виолета Петковска. Поддршка во барањето добија и од Лекарската комора, која побара ФЗОМ итно да го реши проблемот со колешката од Виница, а од Фондот и од Министерството да најдат системско решение.

    Според претседателката на Лекарската комора Калина Старделова-Гривчева, под достоинството на докторската дејност е лекарката да остане без плата и здравствено осигурување, а затворањето ординации во услови кога има недостиг и од доктори и од медицински сестри не е решение.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира