Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница за пратенички прашања обвини дека заклучно со 31 октомври не се префрлени 51 милион евра од парите на граѓаните во вториот пензиски столб, а надлежните институции не преземаат ништо за решавање на проблемот.
Во прашањето упатено до претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Ремзи Бајрами, Митрески рече дека со неизвесност за своите пензиски заштеди се соочуваат околу 650.000 граѓани родени по 1 јануари 1967 година.
„Станува збор за околу 650.000 членови на вториот пензиски столб, вклучувајќи ги пасивните. Тоа значи дека станува збор според законот за сите вработени коишто се родени после 1 јануари 1967 година, а се членови на вториот пензиски столб. Пред некое време ја отворив темата исто така на пратенички прашања, затоа што во ревизорскиот извештај, а и до информациите коишто доаѓаат до нас, стои дека за јануари и февруари 2026 година околу 40 милиони евра пари на граѓаните, 1/3 од придонесот за пензиско инвалидско осигурување којшто треба да биде префрлен во вториот пензиски столб не се префрлени. Мојот последен податок е дека на 31 октомври долгот кон вториот пензиски столб е 51 милион евра и тоа е загрижувачки податок“, рече Митрески.
Тој потсети дека според ревизорскиот извештај за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), заклучно со 27 јуни 2026 година, вклучувајќи ги јануари и февруари, не биле префрлени 2 милијарди и 590 милиони денари, односно над 40 милиони евра. Според податоците со кои располага пратеникот, редовно два месеца во текот на 2026 година долгот се движел меѓу 40 и 57 милиони евра, а до крајот на октомври се зголемил за речиси 11 милиони евра во однос на февруари.
Како што кажа Митрески, директорот на ПИОМ има јасна законска обврска веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од приемот на придонесите, да ги префрли средствата во вториот пензиски столб.
„Прашањето ми е, на директорот на Фондот за пензиско приоритет може да му биде сè друго или да исплаќа фактури, тендери и така натаму, ама да не го почитува ова што му е законска обврска. Законска обврска на директорот на Фондот за пензиско е веднаш, но не подолго од пет дена од приемот на придонесот од ПИОМ на сметка на Фондот преку Управата за јавни приходи да ги префрли парите во вториот пензиски столб. Редовно два месеци во текот на 2026 година, според моите информации, долгот се движел од 40 милиони до 57 милиони евра. Непрефрлени пари на граѓаните и тој проблем продолжува“, рече Митрески.
Митрески го критикуваше Бајрами дека наместо да ја информира јавноста за милионскиот долг, на интернет-страницата на МАПАС се објавуваат само промотивни кампањи за штедење, балони, маички, химна и информации за учество на меѓународна конференција во Кејптаун, Јужна Африка.
Откако претходно министерката за финансии го пренасочила кон раководството на ПИОМ и МАПАС со образложение дека директорот на Фондот одлучува за приоритетите, Митрески рече дека законските обврски не се прашање на личен избор. Тој потсети дека директорот на ПИОМ е должен веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од приемот на придонесите преку Управата за јавни приходи, да ги префрли средствата во вториот столб.
Пратеникот побара одговор од Бајрами дали за ваквата состојба ги известил Министерството за финансии, Владата и Јавното обвинителство, како и дали ќе покрене иницијатива за разрешување на директорот и заменик-директорот на ПИОМ.
Откако ги изнесе надлежностите на МАПАС и зборуваше за законски измени, Бајрами одговори дека, иако повремено доаѓа до доцнење со исплатите кон вториот пензиски фонд, сепак не се прекршуваат предвидените законски рокови. Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, пак, кажа дека долгот кон вториот пензиски фонд е создаден многу претходно.
Фонд на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) ги прибира пензиските придонеси и врши распределба на дел од нив кон вториот пензиски столб за осигурениците кои се вклучени во овој столб. Вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 19,9% од бруто-платата (за периодот јули – декември 2026 година), од кои 6% одат во вториот пензиски столб. Средствата на сметката во вториот столб се лична сопственост на членот и наследни.
Минатиот месец, премиерот Христијан Мицкоски најави дека граѓаните ќе може да изберат дали ќе го користат само државниот пензиски фонд или ќе уплаќаат придонеси и во вториот пензиски столб. Тој тогаш рече дека компаниите кои што управуваат со вториот пензиски столб се слаби претприемачи, па приносите на средствата на граѓаните кои што се уплаќаат, не се во онаа висина во која што треба да бидат односно се три пати помали.



