СО ДОНАЦИЈА ОД ЕУРОЛИНК ЌЕ СЕ ДООПРЕМИ ИНТЕНЗИВНАТА НЕГА ВО ДЕТСКАТА БОЛНИЦА КОЗЛЕ

    СО ДОНАЦИЈА ОД ЕУРОЛИНК ЌЕ СЕ ДООПРЕМИ ИНТЕНЗИВНАТА НЕГА ВО ДЕТСКАТА БОЛНИЦА КОЗЛЕОлга Костовска, претседателка на Надзорниот одбор на „Еуролинк осигурување“ на хуманитарната забава соопшти дека гостите донирале 10.000 евра, а нејзината компанија ќе додаде уште 20.000 евра за детската болница во Козле - со д-р Ангелчо Андоновски, директор на болницата (лево) и министерот за здравство Венко Филипче (десно) - (Фото: СДК.МК)

    Институтот за белодробни заболувања Козле во Скопје ќе ја доопреми интензивната нега со нови апарати за лекување на пациентите со пулмонална дисплазија и цистична фиброза со донација од 30.000 евра од осигурителната компанија „Еуролинк осигурување“ и од хуманитарна забава на претседателката на Надзорниот одбор на компанијата Олга Костовска, изјави директорот на болницата д-р Ангелчо Андоновски.

    „Со овие средства планираме да набавиме два респиратора, два инкубатора, амбис сетови за дишење, перфусори и друга апаратура која е потребна за одделот за интензивната нега да биде комплетно опремен“,  вели д-р Андоновски.

    Дел од парите за доопремување на одделот за интензивна нега во болницата беа собрани на минатонеделната роденденска забава на Олга Костовска. Таа по повод нејзиниот роденден организираше хуманитарна забава на која гостите наместо подароци и цвеќе даваа донации, а за возврат добија подароци – цртежи од децата што се лекуваат во болницата во Козле. Од донациите на гостите беа собрани околу 10.000 евра. Олга Костовска на самата забава соопшти дека компанијата „Еуролинк“ ќе донира дополнителни 20.000 евра за да се набави потребната опрема за одделот за интензивна нега.

    Во моментов Одделот за интензивна нега во детската болница Козле располага со шест кревети, каде се лекуваат најтешките пациенти.

    „За жал сега интензивната нега функционира како полуинтензивна, бидејќи ги нема сите потребни апарати. Со набавка на овие апарати ќе имаме барем два кревети кои ќе бидат со целосно потребната опрема“, вели Андоновски.

    На одделот за интензивна нега во болницата во Козле има пет пациенти со цистична фиброза, кои третман добивааат зависно од нивната моментална состојба.

    „Пациентите со цистична фиброза имаат потреба од интензивно лекување кога ќе им се влоши состојбата, но многу е важно да им се даде комплетниот третман. Како понатаму ќе стигаат средства ќе ја доопремуваме единицата за интензивна нега. Во меѓувреме вработивме интернист, нутриционист, психолог, фармацевт и го имаме потребниот кадар за да пружиме соодветна медицинска грижа“, вели Андоновски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари