ДОВЕРБАТА ВО СУДСТВОТО Е НА ИСТОТО НИСКО НИВО КАКО ВО ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ

    ДОВЕРБАТА ВО СУДСТВОТО Е НА ИСТОТО НИСКО НИВО КАКО ВО ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ„Владеењето на правото во демократија се сфаќа како: состојба во која сите луѓе и институции се одговорни пред законот и Уставот, и Уставот и законот еднакво се спроведуваат кон сите. Колку се согласувате дека владеење на правото постои во вашата држава?“, е прашањето во истражувањето на ИРИ. (Фото: ИРИ/принтскрин)

    Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во најновото истражување објави поразителни резултати во однос на довербата на граѓаните во судството, која е само 3 отсто. Идентичен е и степенот на доверба од 3 отсто кон обвинителството.

    Ништо не е сменето од претходните истражувања на јавното мислење. Институции со пониска доверба не постојат, a власта на чело со премиерот Зоран Заев ништо не направи со најавените реформи и прочистување на правосудството.

    Во истражувањето на ИРИ, дури 29 отсто од испитаниците одговориле дека силно не се согласуваат дека има владеење на правото, исто како на нивото во 2016 година кога на власт беше Никола Груевски. Дури тогаш биле и за еден процент помалку со недовербата. Само 12 отсто од испитаниците во најновото истражување на ИРИ се изјасниле дека силно се согласуваат оти има владеење на правото во нашата држава.

    Во меѓувреме, државата поради одлуките на нестручни и несовесни судии губи пред Европскиот суд за човекови слободи и права и плаќа големи отштети на осудени, односно оштетени граѓани од овдешната правда.

    Македонија само лани платила 330 илјади евра отштета по пресуди од Стразбур, најмногу поради неправично судење. Како ќе го отвораме со ЕУ Поглавјето 23 за судството со вакви состојби и волкава недоверба од граѓаните, никој не знае, ниту зборува.

    Главното предизборно ветување на премиерот Зоран Заев и на СДСМ во предизборната трка беше правда за сите, со најави дека ќе има ветинг, дека судството ќе се исчисти. Ќе се испитуваше имотната состојба на судии и на обвинители, потекло на имот, клиентелизам, врски, начинот на кој адвокати, шефици на кабинети, правници блиски до владејачката структура и секретари во месни заедници станале судии и обвинители. До денеска, ништо од ветувањето.

    Потоа од власта најавуваа дека ќе ја вклучат меѓународната заедница во мониторинг на судски процеси, па ќе проверуваа 5 отсто од пресудите по случаен избор…

    „Судиите кои намерно ќе застарат предмети, како што имаме случаи во Врховниот суд, но и во други судови во државава, по автоматизам ќе бидат разрешени. Почнуваме со детална проверка на имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Следува проверка на 5 отсто од сите судските пресуди во последните пет години, по случаен избор. Не отстапуваме ни милиметар од целта – правна држава, ред, правда и дисциплина“, ветуваше Заев на 5 март лани, пред парламентарните избори кои се одржаа во јули.

    Претходно, на 18 март 2020 година кога технички премиер беше Оливер Спасовски, владејачкиот СДСМ маршираше за правда.

    Во јули лани Судскиот совет најавуваше дека во октомври истата година ќе има специјална прес-конференција за застарени и застарувани предмети за секој суд посебно, но ништо од тоа до денеска.

    Антикорупциската комисија уште проверува имотна состојба на судии и на обвинители и јавноста има абер само дека уште тече проверката. Никаква информација нема до кај е комисијата со ветингот. Таа тема веќе се заборави.

    Обвинителството отвори предистражна постапка откако беа фатени десетици предмети кај разрешениот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски што ги држел во фиока и ги застарувал, но не најде кривична одговорност. Според информациите што ги добило од Судскиот совет, во тој случај имало само основ за нестручно и несовесно работење. Но тогаш Вангеловски веќе беше разрешен, па случајот се затвори без одговорност.

    Од вонредното обраќање на премиерот Заев за прочистување на правосудството во декември 2019. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Јавноста уште се сеќава на специјалното обраќање на Заев до целата јавност на 1 декември 2019 година, за состојбата во судството. Тоа беше на крајот на претходниот мандат.

    „Одреден број судии и обвинители на моќни позиции, како последни упоришта на заробената правда, продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие таканаречени Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата. Ова мора да престане веднаш! Правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните“, ветуваше уште тогаш Заев.

    Тој тогаш кажа дека Антикорупциската комисија врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од него, и ја повика да почне да ги истражува судиите, обвинителите и нивните семејства, веднаш.

    „Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе“, рече Заев во специјалното обраќање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира