ДРЖАВАТА ЌЕ ГО ПРЕЗЕМЕ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ВО СКОПЈЕ, ВО ПАРТИЈА ПРАШАЈТЕ ДАЛИ ГО ПРОДАДОВТЕ НА РУСКИ ОЛИГАРСИ, ИМ ОДГОВОРИ КОВАЧЕВСКИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    ДРЖАВАТА ЌЕ ГО ПРЕЗЕМЕ ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ВО СКОПЈЕ, ВО ПАРТИЈА ПРАШАЈТЕ ДАЛИ ГО ПРОДАДОВТЕ НА РУСКИ ОЛИГАРСИ, ИМ ОДГОВОРИ КОВАЧЕВСКИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕКовачевски кажа дека сега, откако се одземени лиценците на БЕГ,  државата ќе ја преземе топловодната мрежа иако тоа е надлежност на Град Скопје. (Фото: К. Попов)

    Парното греење во Скопје ќе го преземе државата, кажа премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратенички прашања во Собранието. Тој на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им рече дека во нивно време и од нивниот премиер парното во Скопје било продадено на фирма од Кипар и ги повика таму да прашаат зошто е тоа направено.

    „Компанијата којашто управува е приватна, којашто е регистрирана во Кипар со 5.000 евра влог, а за тоа ќе мора да прашате која е таа компанија, кој ја избрал, како ја избрал, кај вас во партија. Затоа што во тоа време е дадена компанијата. Дали се тоа руски олигарси, дали не се руски олигарси, дали целиот систем го имаат заложено во банките во Луксембург, ќе морате таму да прашате”, рече Ковачевски.

    Пред два дена, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска ги одзеде лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Минатата недела беше одземена лиценцата за производство на топлинска енергија, што значи дека БЕГ веќе ќе нема никаква врска со парното греење во Скопје.

    Ковачевски кажа дека сега, откако се одземени лиценците на БЕГ,  државата ќе ја преземе топловодната мрежа иако тоа е надлежност на Град Скопје.

    „Град Скопје тоне премолчано, а сега јавно кажа дека нема начин, односно нема знаење, ниту ќе има за да управува со парното. Затоа Владата прво ќе ги врати лиценците, па ќе се направи повик за тие лиценци да бидат преземени од страна на државно управување и да се обезбеди топлинска енергија за градот Скопје, исто како што во јануари и во текот на целата зима се обезбеди топлинска енергија. Не се работи само за топлинска енергија, се работи и за снабдување со електрична енергија, бидејќи ако престане топлинската енергија во градот Скопје тогаш ќе има пад на енергетската мрежа со оглед на тоа дека Карпош, Аеродром и Центар се проектирани за греење на топлинска енергија“, рече премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира